1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сенишна војна

Антје Пасенхајм/ Симе Недевски23 октомври 2013

По терористичките напади на 11. септември 2001. САД со помош на тајната служба ЦИА започна да води тајна војна чии димензии наводно ги надминале сите досегашни претстави. Тоа го тврди американскиот новинар Марк Мазети.

https://p.dw.com/p/1A4xQ
Фотографија: picture-alliance/AP

Походот на САД против непријателот е тивок и ефтин. Командантите војуваат без војници. Тие се наоѓаат во средиштето на американската тајна сужба ЦИА, а нивните борци се пред компјутерите во Невада или во Ново Мексико. Нивно оружје се беспилотните летала. „Во последните 12 години ЦИА повторно се вклучи во 'бизнис со убивање'“, вели добитникот на Пулицерова награда Марк Мазети. И додава: „По нападот на 11. септември 2001. ЦИА се претвори во некој вид паравоена организација и води своја тивка војна. “ Во својата книга „Killing Business: Тајната војна на ЦИА“, која е сега издадена и на германски јазик, овој новинар од американскиот весник Њујорк Тајмс објавува и докази за ова тврдење, кои ги собрал во разговорите со тајните агенти и политичарите.
Мазети зборува за цел комплекс кој е создаден врз темелите на новата технологија на беспилотните летала: „Тој е составен од војска, шпионски служби и приватни платенички фирми. Тие на различни начини креираа еден нов статус кој им дозволува убивање на луѓе во тајните мисии.“

Границите исчезнуваат

Овој новинар тврди дека со помош на законите за борба против тероризмот, кои се усвоени по 11.09.2001.година , е заобиколена забраната за целни убиства: „По нападите на 11. септември се создаде еден целосно нов свет.“ Тој вели дека се избришани границите меѓу војската и тајната служба. Според неговите податоци, 60 проценти од сегашните соработници на ЦИА се вработени по 2001., а многу од тие агенти имаат само една задача: да гонат и убиваат луѓе.
Барак Обама, оценува Мазети, продолжи да ја спроведува таа политика, меѓу останатото и со помош на тајниот договор со пакинстанската влада. Пакистанските области на границите со Авганистан се сметаат за упориште на авганистанските талибанци. Од 2004. американските беспилотни летала ги прелетуваат тие области и бомбардираат куќи и автомобили, за кои претпоставуваат дека во нив се кријат исламисти. Пакистанската влада јавно протестира против тие напади, но потајно ги дозволува. „Постојат индиции дека САД добил дозвола за тие напади бидејќи тие се исто така насочени и против непријателот на Пакистан“, тврди Мазети. Своевремено американските агенти по налог на Пакистан го следеа талибанскиот лидер Нека Мохамед.

Proteste gegen US-Drohnen in Pakistan
Фотографија: picture-alliance/AP

Дозвола од Вашингтон

Зависно од земјата, ЦИА за своите акции има бланко дозвола од Вашингтон. „На пример, во Пакистан ЦИА е овластена за акции против поединци и групи, за што не мора да бара посебна дозвола од Белата куќа“, изнесува американскиот новинар. Тој вели дека меѓу помалку спорните напади со беспилотни летала се оние кои се насочени против точно одредени лица. Но: „... има и такви т.н. 'Signature Strikes'. Тие се насочени против непознати лица или групи кои покажуваат сомнително однесување. (...) Да речеме, кога една сомнителна група ќе се обиде да ја премине границата со Авганистан. Тогаш постои дозвола за напад.“
Тие напади се особено спорни, токму затоа што во нив има многу цивилни жртви, вели овој новинар. Еден таков напад се случи во март 2011. година во Пакистан. Во нападот со беспилотни летала врз место каде наводно се среќавале талибанците се убиени повеќе од 40 цивили. Потоа е утврдено дека станувало збор за племенско собрание.

Развојот продолжува

Во меѓувреме и самата пакистанска влада веќе не е сигурна во исправноста на своите одлуки за соработката со САД. Населението сѐ погласно протестира против смртоносните летала 'Made in USA'. Пакистанските власти, според податоците на ОН, досега регистрирале најмалку 300 напади во кои се убиени околу 2.200 луѓе. Независната новинарска мрежа "Bureau of Investigative Journalism" во Лондон смета дека таа бројка е сѐ поголема. Според пакистанските информации, меѓу жртвите имало најмалку 400 цивили и уште 200 кои се декларираат како лица кои не учествувале директно во борбите. „Претседателот Обама на состанок без учество на јавноста нагласил дека тие напади во Пакистан ќе продолжат толку долго додека има американски војници во Авганистан. Значи уште најмалку една година“, тврди Мазети. За тоа веројатно ќе стане збор и во текот на посетата на пакистанскиот премиер Наваз Шариф на Вашингтон која започнува денеска (23.10.).
Мазети исто така предупредува дека американската влада тешко ќе собере уверливи аргументи против користење на беспилотните летала во други држави. И во Кина и во Русија таа технологија на водење војна без војници во меѓувреме напредуваше. Американскиот новинар е преплашен од таа визија на, како што вели: „Земји како тивко бојно поле“. „Полицијата веќе сега користи беспилотни летала во потрага по злосторници. Сигурен сум дека еден ден судските власти ќе дозволат и употреба на вооружани летала. За 5 до 10 години тоа ќе биде сосема нормално“, предвидува Марк Мазети.

USA Drohne MQ-9 Reaper Archivbild
Фотографија: picture-alliance/dpa