1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Семејствата на жртвите кај претседателот

ЖА/дв/дпа/афп18 февруари 2013

Германскиот претседател Јоахим Гаук се сретна со роднините на жртвите на неонацистичките убијци. Тој им вети расветлување на случаите, не одминувајќи ги ни големите пропусти на службите во истрагата.

https://p.dw.com/p/17gQL
Фотографија: Reuters

Германскиот сојузен претседател Јоахим Гаук ги прими припадниците на семејствата на мигрантите убиени од неонацистите и ранетите во нападот со бомба во 2004 година во Келн, ветувајќи им целосно расчистување на случаите.

„Јас внимателно ќе следам дали државните органи доволно ги расчистуваат предметите и ги посочуваат грешките“, изјави Гаук. Тој би сакал семејствата на жртвите да стекнат нова доверба во германските државни органи, ветувајќи личен ангажман за злосторствата да не бидат заборавени. Пред средбата многумина роднини го откажаа учеството.

На крајот на јануари Гаук беше информиран за текот на работата на Комисијата на Бундестагот за истражување на нападите на неонацистичката тројка од Цвикау. Тогаш побара безбедносните органи во Германија да гарантираат заштита на сите граѓани во земјата, без оглед на потеклото.

Многу роднини на жртвите на процесот против Чепе

На сметка на тројката „Националсоцијалистичко подземје“ се ставени десет убиства меѓу 2000 и 2007. година, девет на турски и грчки по потекло ситни бизнисмени, како и на една полициска службеничка. Со години деснотерористичката заднина на убиствата не била откриена, наместо тоа истрагата виновниците ги барала во опкружувањето на жртвите.

На средбата со претседателот Гаук учествуваше и специјалната ополномоштеничка на германската влада за семејствата на жртвите на неонацијалсоцијалистите, Барбара Јон. Според нејзините зборови, многу роднини на жртвите сакаат да присуствуваат на судскиот процес против десничарската терористка Беате Чепе, кој треба да почне во средината на април. Чепе е единствениот преживеан член на групата „Националсоцијалистичко подземје“. Роднините треба повторно да стекнат контрола врз својот живот, изјави Јон.

Bundespräsident Joachim Gauck trifft Angehörige der Neonazi Mordopfer
Од денешната средба кај претседателот ГаукФотографија: picture-alliance/dpa

„За нив е важно да учествуваат на процесот за да ги видат виновниците и нацијата да согледа што всушност се случувало“.

Разбирање за критиките на роднините

Барбара Јон истовремено покажува разбирање за острата критика на роднините на сметка на истражните органи.

„Семејствата имаат право да ги критикуваат грешките на истрагата и да бараат одговори од плитичката елита“, вели Јон. Огромниот безбедносен апарат со 18 служби за заштита на уставот , покраински полиции и сојузна полиција и натаму не се во состојба да го признаат потфрлувањето и неопходноста од промена.

Германската воена контраразузнавачка служба (МАД) по аферата со неонацистичката група „НСУ“ пак сака да се отвори за јавност.

„Посебно во врска со ’НСУ’ аферата забележавме дека има смисла нашите задачи и работи да се презентираат во јавност“, изјави шефот на службата Улрих Биркенхајер, додавајќи дека МАД формираат прес-служба. Со неговото интервју за весникот „Ди велт“ тој влезе во историјата, зашто е прв претседател во 57-годишното постоење на МАД, кој воопшто одговорил на прашањата на новинарите.