1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

230210 Familienunternehmen Krise

28 февруари 2010

Според студија на Банката за обнова, секое второ претпријатие во Германија се жали дека сега потешко се добива кредит од банките, отколку минатото лето. Такви поплаки се многу поретки од големите семејни претпријатија.

https://p.dw.com/p/MAXI
Фирма ТенгелманФотографија: AP

Причините за грчката криза се домашни. Од светската економска и финансиска криза, пак, многу претпријатија беа егзистенцијално загрозени; многу, но не сите - некои добро се носеа со неа, на различни основи. Големите семејни претпријатија по правило располагаат со добри финансиски резерви и полесно излегуваат на крај со кризата. Ви нудиме два примера.

Разработена економска стратегија

Автомобислки делови, алат, машини за собирање отпад, преправка на возила за потребите на хендикепирани лица - концернот „Кирхоф“ има широко поле на дејности. Произведува од Кина, преку Америка, до Европа, во 39 погони во светот со вкупно 4.200 вработени. Кирхоф е традиционално семејно претпријатие, управувано од татко и неговите тројца синови. Еден од нив е Арнт Кирхоф. „Ме гледате сосем добро расположен пред вас. Имаме повеќе бранши, со што целото претпријатие можевме да го стабилизираме, оти кризата немаше секаде подеднаков тек. Тоа е прашање на ориентацијата на претпријатието, за кога светот кашла, да не добие веднаш температура“.

Bohrschrauber Ixo von Bosch
Фирма БошФотографија: presse

Економската криза, вели Кирхоф, ги подзапре плановите за експанзија, но претпријатието лани сепак оствари приход од 66 милиони евра. Тоа е едно од околу 2.700 германски големи семејни претпријатија. Често пати тие не се многу познати, но се многу успешни и иновативни. Иако претставуваат само 0,1 насто од сите претпријатија во земјата, на нив отпаѓаат 18 проценти од севкупниот промет и околу една седмина од сите вработени. „Познавам редица претпријатија кои многу добро ги истуркаа последните две години и не им се влоши финансиската состојба, дури и повеќе од нив, отколку што би сакале да поверувате, известуваат за рекордна година. Но, има и такви, кои се борат за опстанок“, вели Јирген Фичен од Управниот одбор на Дојче банк, задолжен за зделки во Германија.

Се‘ се врти околу сопствениот капитал

Се’ се врти околу сопоствениот капитал, имотот на фирмата што останува по одбивањето на сите долгови. Кога претпријатието ќе побара нов кредит кај својата банка, тогаш таа сака да знае колкав е уделот на сопствениот капитал во севкупниот биланс на претпријатието. Колку е поголем, толку подобро, оти кој располага со помалку сопствен капитал, не само што потешко ќе добие кредит, туку и тој поскапо ќе го чини.

Арнт Кирхоф укажува дека поуката од најновата криза е оти сопствениот капитал мора да биде повисок. До 2008 во нивното претпријатие тој бил наголемен на 20 до 25 проценти, но вели дека е подобро да изнесува 50 до 60 проценти, оти така полесно оди и договарањето со банките. Семејните претпријатија традиционално се финансираат особено често преку банкарски кредити и многу се воздржуваат кога е во прашање вмешување на други во управувањето со претпријатието преку вложување на капитал.

Тоа е причина повеќе сопствениците да ја оставаат добивката во фирмата и со тоа да ја зголемуваат квотата на сопствен капитал, вели Арнт Кирхоф и нагласува: „Бараме од Сојузната влада даночно да ги изедначи сопствениот и туѓиот капитал. Сега за сопствениот капитал плаќате повеќе даноци, што значи ви се одлева формирањето сопствен капитал, ако дабивката ја оставите во претпријатието“.

Истражувањата не се наградени

Кирхоф бара даночна подршка и за истражувањата, оти големите семејни претпријатија натпросечно инвестираат во иднината - за истражувања и развој просечно вложуваат пет проценти од приходот, додека просекот во свкупното германско стопанство изнесува 3,9 насто. Со даночно ослободување за оваа намена, според Кирхоф, државата во прво време би загубила 4 милијарди, но од истражувањата би можела да настане дополнителна вредност од 12 милијарди.

Автор: Сабине Кинкарц/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска