1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Село мое поубаво од Париз...

17 јули 2010

Македонија има огромен потенцијал за развивање на алтернативниот туризам - селскиот, еколошкиот и планинскиот туризам, а во поново време и квалитетниот верски туризам, здравствениот и посебно винарскиот туризам.

https://p.dw.com/p/OEtN
МавровоФотографија: Petar Stojanovski

Првите обиди за привлекување на туристите, домашни и странски, се покажаа успешни. Но, без помош од државата, пред се‘ во обезбедувањето инфраструктура и организиран систем, се‘ ќе се движи многу потешко. Засега се‘ се сведува на индивидуалната умешност и заинтересираност на поединците, кои ја негуваат оваа форма на туризам.

Од лани на располгање на заинтересираните им стојат околу 30 милиони евра средства од ИПАРД програмата за развој на овој вид туризам, а најголемиот побаран износ за грант во сооднос пола-пола - колкав влог-толкав грант, изнесуваше 200.000 евра.

„Она што мораме прво да го направиме е да ја подгнеме свеста кај луѓето кои сакаат да работата во овој вид туризам, да сфатат дека сакаат ова да го работат, а потоа и да ги подготвиме за пречекување на туристите“, вели Зоран Николовски од секторот за туризам во Министерствто за економија.

„Видете ја оваа убавина, овие шуми, но за жал немаме струја, има 50-тина викендички, а немаме струја и државата тоа треба да го направи“, вели еден од сопствениците на куќи во прекрасниот крајолик наречен Рамна река, на 10-тина километри над Пехчево, една од можеби најубавите локации во Македонија, во чија непосредна близина се наоѓаат и ноовооткриените водопади на изворите на Брегалница, што се посебна туристичка атракција. Досега се знаеше само за Смоларските и Колешинските водопади.

Што е тоа што Македонија може да го понуди за развојот на алтернативниот туризам?

Секако добрата приказна. И истрајноста. Таква една приказна лани успеа да „продаде“ скопскиот воркохолик Ранко Буба мара Петровиќ, кој излезе со проектот „Крушево етно град“ и за едно лето од ова зачмаено историско место направи реплика на илинденско Крушево, со комити и аскери, со градски живот, преполни кафеани со жива музика, враќање на старите занаети... Со еден збор, препород за градот, а мамка за странските туристи.

Biljanini Ohrid See, Mazedonien
Алтернативниот туризам е во подем - што да се понуди на странците?Фотографија: Petar Stojanovski

„Многу сме горди со промоцијата и реализацијата на проектот, бидејќи со малку парти успеваме да го препородиме Крушево, од едно заборавено гратче пред две години, сега да се вратат луѓето, да им се вратат насмевките, да се вратат старите занаети, а тие да знаат дека прават нешто големо за историско Крушево“, вели Петровиќ.

Пределите околу Азот, во централна Македонија, ридско-планинските села околу Кораб и Бистра, значи Галичник, Трница, Лазарополе, потоа селото Брајчино на Преспанското езеро, како и селата околу Струмица и Малешевијата, се главните локации на кои последните неколку години се развива руралниот туризам.

„Тоа е она со што Македонија изобилува. Мала територија на која имаме концентрирано големо историско и археолошко наследство, здрава храна. Тоа се многу фактори што значат дека можеме да тргнеме во добар правец“, вели Роза Сирачевска од туристичката агенција Аурора.

Традиција и специјалитети

Покрај добрата приказна на странецот треба да му се понуди и традицијата, обичаите, добрата храна и посебно локалните специјалитети.

„На гостите им нудиме се‘ домашно и здраво: домашно јаагне, сирење и кашкавали“, вели сопственикот на бачило во Mалешевските планини, кај кого веќе почнаа да доаѓаат туристи од Холандија:

Mazedonisches Dorf Radiovce
Ако селата имаат подобра инфраструктура, можно е многу повеќеФотографија: DW

„Подоготвуваме домашни пити, турли-тави, гравче, пелистерска пастрмка и преспански крап, дивеч...“, дополнува сопственичката на еден од рестораните во преспанското село Брајчино, кој е надалеку познат по вкусните специјалитети и редовните гости од политиката, дипломатијата, бизнис заедницата, странците.....

Автентичниот селски амбиент со старите архитектонски специфични куќи, со стар мебел, но чисти постелнини, со одличната традиционална храна, со посебен акцент на еколошки здравата и органски произведената, а пред се‘ - со недопрената убавина, се шансата што мора да се искористи. Потребна е само волја и добра организација. Останатото ќе го кажат туристите.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска