1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Селмани: Треба да се биде прагматичен

12 ноември 2010

Лидерот на Нова демократија Имер Селмани за Дојче Веле оценува дека пописот во Македонија треба да се пролонгира од април 2011 во јули 2011 и да трае еден месец, кога се враќаат иселениците.

https://p.dw.com/p/Q6ju
Имер СелманиФотографија: DW / Stojanovski

Така, според Имер Селмани, ќе се избегне сомнежот кај Албанците, па и кај Македонците за тоа колку се во државата. Без таков законски компромис една нормална статистичка операција може да стане нов мотив за политичка криза, вели Селмани:

„Кај нас во април една третина од албанските куќи, особено во селата, се затворени и празни , зашто некој работи во странство сезонски, други се кај своите роднини и сопрузи на привремен престој, трети имаат подолгорочен престој во емиграција. Но, сите тие плаќаат во државата, внесуваат скоро една милијарда евра годишно, со чии нето приливи се одржува надворешната ликвидност на Македонија. Цели села се во странство, како на пример Зајас, Матејче. Поминете сега и ќе видите колку се празни. Сите албански иселеници си ги градат домашните огништа, двапати во годината доаѓаат на свадби или семејни прослави, но главно се собираат за време на летните одмори во странство. Затоа и предлагаме пописот да се одржи налето, за да немаме искривена слика колку се Македонци или колку Албанци, дали некој свесно сака да го намали бројот на најбројната етничка група. За да не ни‘ се случи во наредната декада континуирано да се сомневаме дали Албанците се 25, 21 или 29 проценти, потребно е да се има сенс и пописот да се организира цел месец, во јули. Тогаш се враќаат и македонските гастарбајтери, но и дел од трајно иселените Македонци кои имаат свои живеалишта во земјата.“

Лидерот на Нова демократија за ДВ уште оценува дека една третина од куќите ќе бидат затворени и никој не ќе може да дава податоци за отсутните, или свесно ќе се прекршува законот, што пак ќе создаде сомнеж кај Македонците дека Албанците не може никогаш да бидат пребројани како домицилно население во Македонија.

„Народот сфаќа дека живее полошо“

Лидерот на опозициската партија во албанскиот блок ја формира Нова демократија откако од власта излезе ДПА, чиј министер за здравство беше додека владееше тандемот Груевски-Тачи. Селмани на последните претседателски избори освои 150 илјади гласови, иако нема ниту едно градоначалничко место, што ја потврдува неговата неспорна лична популарност, но и релативно низок партиски рејтинг. Сега самиот проценува дека лошите владини политики на Ахмети, неговиот конфликт со Тачи околу полициските досиеја и кодошите во врвот на ДУИ, го зголемуваат изборниот потенцијал на паријата што ја води. Затоа и се концентрира на се‘ покритички интонирани оценки за владеачката ДУИ и нејзиниот водач.

„Ахмети е во владина замка, ако пописот се одржи во април нема да биде релевантен со добиените податоци за бројот на населението. Дали некој намерно сака да создаде уште една криза за да се оттргне вниманието од изолацијата на земјата, неможноста да се реши спорот со името и да не бидеме членка на НАТО, да не добиеме датум за преговори со ЕУ? Можеби некој, поради политичка инерција или свесна политика, сака да создаде амбиент дека ни‘ е добро во Македонија зашто веќе не се пука, а притоа сиромаштијата расте, една третина се невработени, нема странски инвестиции...“, вели Селмани и додава:

„Ахмети влезе во Владата со обврска пред Албанците дека Македонија во овој мандат ќе стане членка на НАТО. Се замајува народот со огромни паметници, плоштади, со споменици на два-тројца видни Албанци во рамките на проектот ’Скопје 2014“, со мегаломанска идеја за плоштадот ’Скендербег’ во Старата скопска чаршија, но народот сфаќа дека живее полошо, оти сите во опкружувањето напредуваат, само ние тапкаме во место.“

Нема компромис без откажувања

Според лидерот на Нова демократија „сите треба да се сретнеме во Брисел, како центар на европскиот дом“. Ако таа шанса се испушти, дели Селмани, „доколку не сме подготвени, како и сите европски држави да се откажеме од нешто наше, во име на европските интеграции, тогаш нема компромис со Грција“

Нова демократија во недела (14.11) организира собир во Скопје под мото „Не се попишуваш - не постоиш“.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска