1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Секуритате“ се` уште живее во Романија

24 април 2009

Поранешната елита од режимот на Чаушеску, соработниците на тајната служба „Секуритате“, и дваесет години по соборувањето на диктаторот, се` уште влијат врз политичките и економските случувања.

https://p.dw.com/p/HchL
Отворањето на актите од тајните служби не е особено пријатноФотографија: Arden Pennell

Во една двокатна куќа во стариот центар на Букурешт, од пред неколку месеци е сместено седиштето на „Институтот за истражување на комунистичките злосторства во Романија“. Неговиот управник, Мариус Опреа, разговара со вработените за еден предлог-закон. Станува збор за посебен вид на справување со минатото, како што објаснува 44-годишниот историчар: „Ситуацијата е апсурдна. Поранешните политички затвореници добиваат одвај триста евра пензија, но соработниците на тајната служба „Секуритате“ примаат и по три илјади евра месечно“, критикува Опреа и додава: „Ова е историска бесмислица, што сакаме да ја поправиме. Не станува збор за тоа, луѓето да се делат во некакви категории. Нашиот проект се однесува само на соработниците на ’Секуритате’, за кои може правно да се докаже дека ги злоупотребиле функциите, или пак, извршиле кривични дела, кои поради временската дистанца, веќе застареле“. Опреа и неговите соработници сметаат дека на овие луѓе би требало да им се скрати воената пензија, или пак, треба да го добиваат износот од просечната пензија во Романија.

Синовите на шпионите се повторно шпиони

Мариус Опреа напишал голем број извештаи, истражувања и книги за историјата на тајната служба „Секуритате“. Тој беше и советник во кабинетот на романскиот претседател и во владата за прашањата за обработка на комунистичкото минато. Поранешни високи функционири на тајната служба повеќепати го обвинуваа за клевета. Медиумите го нарекуваат „ловец на Секуритате“. И по две децении по завршувањето на диктатурата, има уште многу да се сработи, вели тој: „За повеќето романски институции едно е заедничко: континуитетот. Многу често можете да ги сретнете истите луѓе од порано, но има и еден друг вид на континуитет. Децата на адвокатите стануваат адвокати, децата на службениците на ’Секуритате’ повторно работат во тајните служби, и така натаму. Тука е проблемот. Овие луѓе припаѓаат на едно големо духовно семејство, со тесни меѓусебни врски и силна носталгија по комунистичките времиња“, раскажува Опреа.

Symbolbild Spion mit Schlapphut
Ако не е самиот припадник на „Секуритате“, тогаш е неговиот синФотографија: AP Graphics

Офицерите на „Секуритате“, кои досега јавно проговориле, го потврдуваат она што го кажува Мариус Опреа. На пример, 76 годишниот Георге Рациу. Тој порано раководел со домашниот оддел на „Секуритате“, од којшто многумина страхувале. Денеска работи како консултант во една компанија и вели: „Особено оние, кои работеа во надворешната трговија, во надворешното шпионирање, или, пак, во одбраната на народното стопанство, сега основаа фирми. Оние што не беа доволно мудри, денес живеат од пензија. Паметните направија бизнис и сега живеат подобро“.

Димитру Бурлан, 69-годишен поранешен шеф на телохранителите на диктаторот Николае Чаушеску, од збор до збор го повторува она што го кажува Мариус Опреа.

„Оние, кои се` уште останаа, околу четири-пет илјади поранешни офицери, создадоа одредени структури. Работат во одредени фирми, па дури и во владата. И, ако тоа не е самиот поранешен припадник на ’Секуритате’, тогаш е неговиот син“.

На многумина не им одговара расветлувањето на минатото

Голем број поранешни службеници и шпиони на тајната служба би сториле се` за да го попречат расветлувањето на вистината. Романија беше последната земја од Источна Европа, која почна со отворањето на актите. Службата „Национелен совет за проучување на архивата на „Секуритате’’ беше основана кон крајот на 1999 година. Сепак, тајната служба што ја наследи „Секуритате“ со години го одолговлекуваше предавањето на актите. Ова се случи дури во 2005 година, откако претседателот Трајан Басеску даде јасна наредба.

Deutschland DDR STASI Schiessbefehl Dokument
Романија беше последната од комунистичките земји, која почна со отворањето на актитеФотографија: AP

Романската служба за расветлување на работата на тајната служба не нуди само поглед во актите на „Секуритате“, туку овозможува и увид во тоа дали пратеници, членови на влади или службеници биле припадници на тајната служба. Постојат дури и одредби за лустрација: службениците во јавната администрација, како и лицата на раководни позиции во државното обвинителство и во судовите не смеат да бидат поранешни соработници на тајната служба. Но, се чини дека многумина биле. Од таа причина не е ни чудно што минатата есен Уставниот суд ја прогласи за противуставна работата на службата за отворање на актите. Таа „преживеа“ благодарение на брзата реакција на владата, како и клучното гласање во парламентот.

А, ова не беше последниот напад врз службата за расветлување на тајното минатото, вели управникот на Национелниот совет за проучување на архивата на „Секуритате“, Ладислау Чендеш. „Секогаш се јавуваа кризи, чија цел е да ја сопрат нашата работа. Постојано има обиди да се затвори нашата служба, или во најмала рака да се спречи процесот на истражување на актите. Тоа е најголемата опасност. Кога ја основавме службата, ни‘ рекоа дека никој нема да се интересира за нашата работа. Но, тоа е смешно. Се разбира дека Романците ги интересира што правиме, иако многумина не признаваат. А, ќе видите дека нашата работа и во иднина ќе предизвикува интересирање“, нагласува Чендеш.

Автор: Кено Верзек / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска