1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секс без заштита-поголем ризикот од задоволството

23 декември 2010

Во Македонија во тек е кампања за сексуално здравје на младите, затоа што анализите покажаа алармантни податоци за нивната неинформираност околу заштитата од бременост и сексуално преносливите болести.

https://p.dw.com/p/zomW
Младите во Македонија во сексуалниот живот стапуваат недоволно информирани за последицитеФотографија: Bilderbox

Само навремено и правилно информираните млади луѓе можат да донесуваат вистински одлуки. Само таквите кои не се срамат да прашаат за сите непознаници на почетокот од нивниот сексуален живот ќе знаат што се´ може да им го загрози нивното здравје и може да им ја промени иднината.

Од оваа причина Министерствата за здравство и за образование, заедно со Фондот за население на ОН, во Македонија ја организираат едукативната кампања „Слободно прашај-имаш каде“ преку која младите во тинејџерска и адолесцентска возраст ќе можат да добијат квалитетни информации за нивното сексуално и репродуктивно здравје.

Родителите - првиот извор на информации

Според министерот за здравство Бујар Османи младите влегуваат во една нова непозната област од животот сосема неподготвени.

„Младите не се доволно информирани во периодот кога влегуваат во сексуалниот и репродуктивен живот за ризиците за одредени девијантни однесувања" , вели Османи.

Како дел од кампањата е предвидено отворање на советувалиштата за младите во 19 градови низ Македонија.

Тоа, според министерот за образование Никола Тодоров, се прави за да се дестигматизира оваа тема, затоа што во Македонија се´ уште постојат предрасуди .

Младите бараат овие информации да ги добиваат во училиштата.

„Родителите можат подобро да не´ информираат за ова. Јас за ова се информирам од родителите", велат средношколците.

Катастрофална слика за неинфомираност околу заштитата од забременување

Babysimulator gegen Teenie-Mütter
Се´почеста слика: тинејџерка како мајкаФотографија: dpa - Fotoreport

Податоците за актуелната или реалната слика меѓу младите се поразителни.

„Стапката на регистрирани абортуси во 2008 година изнесуваше 257 на 1000 живородени, а кај тинејџерите годинава е 95 на 1000 живородени. Ако тинејџерите имаат толку многу абортуси во една година тоа значи дека нивото на заење, на превенцијата, на заштитата, им е многу ниско. Сигурно и начинот на изведување на абортусите не е најтрансперентен или е скришен, без знаење на родителите, а сигурно и потоа не одат на проверка, да видат дали е се´ во ред. Тоа значи дека импликациите по нивното здравје потоа можат да бидат многу лоши“ , вели Татјана Шикоска, координатор на програми на Фондот за население на ОН во Македонија.

Таа додава дека е алармантна и бројката на млади мајки, на возраст под 15 години, така што во 2006 година на 1.000 новородени деца 29 биле од мајки тинејџерки. Ова, вели Шикоска, исто така, е податок дека нивното знаење за опасностите од сексуалниот однос е на ниско ниво.

„ Македонија има и најниска стапка на модерна контрацепција. Ако во Европа оваа стапка е 70-80 отсто, во регионот е 30-34 отсто, таа кај нас е 9,8 , додека кај младите луѓе таа изнесува 1,6 отсто", вели Шикоска.

Пристап до контролирани и селектирани информации

Sexismus in der Werbung
Информираноста за опасноста од сексуално-преносливите болести е неопходнаФотографија: picture alliance/dpa

Институтот за јавно здравје во оваа кампања ги обезбедува сите предуслови за отворање на советувалиштата, нивната техничка и стручна поддршка, како и мониторингот за спроведување на програмата за едукација на младите.

„Потребата за овие советувалишта беше во одредена смисла наметната, затоа што се открија доволно проблеми кај младите за точни и навремени информации. Но, селекцијата за тоа што допира до младите треба да биде контролирана, па затоа се решивме за отворање на советувалишта за младите во рамки на советувалиштата за ХИВ и СИДА .Таму тие имаат пристап до релевантни и точни информации, пристап до гинеколог, до услуги во смисла на советување, на препишување на орална контрацепција и кондоми и пристап до флаери", вели др Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Тој вели дека во спроведувањето на кампањата нема само пасивно да се чека младите да доаѓаат на советување, особено во малите и рурални средини, туку дека ќе се оди од место до место, од училиште до училиште и на младите ќе им се објаснува, ќе им се даваат информации за сексуалната заштита, и посено за опасностите од сексуално преносливите болести, несаканото забременување, абортусите.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Жана Ацеска