„Секој атар – свој театар“
12 септември 2010Од педесеттите години на минатиот век, кога со декрет на тогашната власт „згаснал “ професионалниот театар, на што граѓаните бурно реагирале, жалањето за свој театар во Охрид не поминува. Со децении жариште на културниот аматеризам е Центарот за култура. Тука се „раѓаа“ аматери - невидени таленти. Постоеја и полупрофесионални обиди кои ќе останат забележани од хроничарите.
Шекспировски : Ќе го биде или не – театарот во Охрид?
Се чини дека со упорноста која трае повеќе од деценија, актерот и режисерот Горан Стојаноски е најблиску до остварување на сонот:
„ Не се работи за кариери , туку за наша животна посветеност на театарот. Доколку локалната власт и министерството за култура тоа го видат како една силна струја , како една огромна желба да се направи ова , треба само да дадат поддршка.“
Охридскиот градски театар во формирање лани имаше две премиери. Соработуваат со Малиот драмски театар од Битола и интернационалата мрежа НЕТА . Во Охрид наскоро премиерно ќе се игра „Среќни денови “ од Семјуел Бекет во режија на гостинот од Сараево, Градимир Гојер.
„Присуството на режисерот Гојер е признание на квалитетот на нашата работа. Значи ние можеме да работиме комедии, Бекет до Шекспир ...Го отвораме полето на нашиот широк дијапазон“, додава Стојаноски.
Охридските претстави се закитија и со меѓународни награди. Се играа на сцените во Словенија, во Враца, Крагуевац, Белград, Сараево. Театарот е зрел за редовен професионален репертоар:
„Актерите се обучени за проектен и стратешки менаџмент, имаат искуство, знаат да раководат со светло, дизајн. Оваа екипа од десет луѓе може да врши работа од четриесет.
Во Струга театарот и натаму аматерски
Во Струга, градот на познатиот драмски писател Ристо Крле, аматеризмот датира од далечната 1908 година, а над 4 децении тој е во рацете на потомокот на Миладиновци , Ристе Миладин: “
„Зад мене се 76 претстави како режисер, а во најголем дел сум бил и актер во нив. Во времето на екс-Југославија патувавме на многу драмски смотри и освојувавме награди. Сега интересот за аматерскиот театар пак се зголемува. Подготвуваме две претстави. ’Црвенкапа’ за децата и „Нема да платиме’ од Фо за возрасната публика“.
Во кафулето „Арт театар “ во Струга три години функционира неформалната албанска театарска сцена. Организатор на претставите и гостувањата на уметници и ансамбли од Албанија, Косово, но и Македонија, здружението „Муза “.
„Поклони се и падни “ синоним за слободата на говорот во Вевчани
Во Вевчани првата аматерска претстава „Печалбари “ е играна во 1936, а од тогаш и природно надарените вевчанци театарот го имаат за своја оддишка, вели Тоше Чочороски:
„Оваа зима, за декември се најавува нов голем проект „Ноќ спроти Свети Василиј “, кој ќе се игра на отворено на самиот празник од аматери-вевчанци помлади и повозрасни. Со тоа патувачкиот театар „Поклони се и падни “ ќе има континуитет.
Заеднички именител за сите во овие тешки економски времиња е да се најдат пари за проектите за аматеризмот да преживее.
„За среќа, локалната власт и локалните фирми не поддржуваат. Така е и со министерството за култура. Често различно, но одвојува по некој денар за аматеризмот “, вели Чочороски.
И она најважното-театарот ја има улогата културно да го надгради човекот. Жедта по него не престанува. Иако, во шега или виситина, народот се‘ почесто вели: „Животот ни стана театар “
Автор: Милчо Јованоски
Редактор: Жана Ацеска