1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секогаш чекор пред противникот

8 јануари 2010

Американските тајни служби имале доволно информации да го спречат нападот во авионот, но потфрлиле, покажува извештајот за инцидентот, што го изготви Белата куќа. Барак Обама првпат ја презеде одговорноста за тоа.

https://p.dw.com/p/LORB
Барак Обама сака подобрување на работата на тајните службиФотографија: AP

Советникот на американскиот претседател Барак Обама за внатрешна безбедност и антитероризам, Џон Бренан, го претстави извештајот за неуспешниот обид за активирање на експлозивна направа во американскиот авион на линијата Амстердам-Детроит и уште еднаш заклучи дека тајните служби немале проблем со собирањето на информациите, туку со „поврзување на точките“, односно со спојувањето на сите информации и анализи.

„Тајните служби, и тоа неколку од нив, едноставно потфрлија во работењето“, истакна Џон Бренан пред новинарите.

Проблем при поврзувањето на информациите

Според извештајот, тајните служби уште во периодот меѓу октомври и декември 2009 година располагале со информации за заговор за можен напад од страна на Ал Каеда. „Иако сите овие податоци беа достапни за ЦИА и за Државниот центар за борба против тероризмот пред обидот за атентат, може да се заклучи дека проблемот настанал во поврзувањето на информациите“ се вели меѓу другото во извештајот на Белата куќа.

Обама ја презеде одговорноста

Американскиот претседател Барак Обама, пак, пред претставувањето на извештајот истакна дека им наредил на тајните служби веднаш да ги проверат сите информации за можни терористички напади. Освен тоа, Обама претстави и уште редица други мерки, со цел да се подобри борбата против тероризмот.

Тајните служби се одговорни за спроведувањето на овие реформи и ќе бидат повикани на одговорност ако не ги спроведат, рече Обама, но додаде дека тој, како претседател, е најмногу виновен за грешката:

„Кога системот ќе потфрли, одговорноста ја сносам јас.“

BdT Pressekonferenz Flugsicherheit
Џон Бренан, Роберт Гибс и Џенет Наполитано на прес-конференцијата за безбедноста на летовитеФотографија: AP

Обама, сепак, нагласи дека не може да се постигне апсолутна безбедност. Противниците на САД и понатаму ќе наоѓаат начини да се справат со модерните технологии за контролирање и новите безбедносни мерки.

„Дури ни најдобрата тајна служба не може однапред да ја идентификува секоја личност што сака да ни‘ наштети. Затоа потребна ни‘ е поголема безбедност на аеродромите, пристаништата и границите и соработка со другите земји, со цел да ги спречиме терористите да влезат во Америка“, рече Обама во обраќањето пред новинарите.

Тој истакна дека во овој бесконечен натпревар, САД мора секогаш да бидат еден чекор пред противникот. Нетипично за него, првпат борбата против терористичката мрежа Ал Каеда ја нарече „војна“:

„Во војна сме против Ал Каеда, далекусежна мрежа на насилство и омраза, што не` нападна на 11 септември, кога загинаа речиси три илјади невини луѓе и што повторно кова заговор против нас. Ќе сториме се` што е потребно за да ги победиме.“

Обама пред новинарите истакна дека наредил да се прегледаат критериумите за ставање нечие име на листата на терористи, особено проверување на критериумите потребни за издавање забрана за летање. Министерството за внатрешни работи добило налог да ги засили контролите на аеродромите, а министерката Џенет Наполитано уште во текот на месецов ќе отпатува во Шпанија, каде ќе се сретне со своите европски колеги. На средбата ќе стане збор за воведувањето на нови технологии за откривање експлозивни материјали.

Автор: ТТ/ЕМФ/ дв/дпа/афпр/ројтерс

Редактор: Жана Ацеска