1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седуммина загинати во напад во Оукленд

СН/ЕМФ/дпа/афп/ртр3 април 2012

Во вооружен напад во приватен колеџ во градот Оукленд, во сојузната американска држава Калифорнија, според последните информации, се убиени седум лица, а уште три се повредени.

https://p.dw.com/p/14Wpq
Фотографија: Reuters

Нападот се случил во приватениот колеџ Оикос во источен Оукленд, христијанска образовна институција за азиска медицина, курсеви за медицински сестри, музика и религиозни студии.

Напаѓачот, вооружен со огнено оружје, влегол во една училница во колеџот и веднаш започнал да пука. Очевидци на пукотницата, истакнале дека напаѓачот „изгледал лудо“. Тој потоа почнал да се движи и да пука низ целиот колеџ, проценува полицијата, со оглед на тоа што жртви се пронајдени на различни локации во зградата. Десет лица биле погодени од куршумите на напаѓачот, од кои петмина биле прогласени мртви на лице место. Две други лица подоцна починале во болница.

„Сега имаме седум семејства кои мора да се справат со овој грозоморен акт“, изјави претседателот на Градскиот совет на Оукленд, Лери Рид.

Полицијата соопшти дека недалеку од местото на нападот го уапсила вооружениот напаѓач, кој бил со азиско потекло (најверојатно Кореанец) и поранешен студент на универзитетот. Мотивот на напаѓачот кој самиот и‘ се предал на полицијата засега е непознат.