1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја: Убиства по роднинска линија

Е. Фелден/Б. Георгиевски6 февруари 2014

Доколку некој е во сродство со лице кое му е трн во окот на севернокорејскиот режим, и тој станува виновник. Самиот факт што некој е во роднинска врска со непријателот на режимот е доволен за да биде уапсен или убиен

https://p.dw.com/p/1B2Xu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Севернокорејската телевизија, на која ретко кога може воопшто нешто да се види, прикажа снимки од седницата на политбирото на Работничката партија од која беше одведен Чанг Сунг Таек, тетин и ментор на младиот диктатор Ким Јонг Ун.

Тој беше означен како велепредавник кој играл двојна игра и планирал државен удар. Дополнително е обвинет за злоупотреба на дрога, коцкање, корупција и врски со многу жени. Кусо потоа беше погубен. Дали настрадал само тој, или и други членови на семејството останува непознато. Јужнокорејските агенции јавуваат дека постојат сомнежи оти биле егзекутирани и некои блиски роднини на тетинот на Ким. Според овие извештаи, биле убиени и двајца севернокорејски амбасадори, како и децата и внуците на двајцата браќа на Чанг.

Во недостиг на официјална потврда, Кристоф Полан, претставник на Фондацијата Фридрих Еберт во Сеул вели дека не треба да се избрзува со заклучоците. „Во основа не е исклучено дека повеќемина, или дури и сите членови на семејството на Јанг страдале, бидејќи во Северна Кореја важи принципот на роднинска соодговорност“, вели Полан.

Nordkorea Chang Sung-taek Hinrichtung Prozess
Од ментор до непријател: Чанг Сунг ТаекФотографија: Reuters

На внимателност во оценките повикува и Ридигер Франк, од Институтот за источноазијски студии во Виена.
„Би било необично доколку неговите блиски исто така биле убиени. Роднините обично остануваат без работа или завршуваат во логори“. Франк сепак не ја исклучува можноста дека и роднините добиле смртни казни.

„Кога на еден висок функционер во Северна Кореја ќе му се стават на товар такви обвиненија, со сигурност може да се каже дека и неговото семејство, до последен член, ќе биде казнето. Страдаат сите блиски до трето колено“, вели Франк.

Егзекуции на водечки фигури на комунистичкиот режим се случувале и порано. Она што е невообичаено во егзекуцијата на Чанг беше отвореноста на режимот кон јавноста. За причините може само да се шпекулира. „Може да се работи за сигнал или пак едноставно израз на карактерот на диктаторот“, вели Франк.

Чистки со традиција

Во 50. години на минатиот век, првата голема чистка ја спровел творецот на комунистичкиот режим во Северна Кореја, Ким Ил Сунг, и дедо на актуелниот диктатор, со цел да ја консолидира новата власт. По преземањето на власта тој наредил егзекуција на семејствата на сите противници, а останатите биле спроведени во логори од каде им се губи секоја трага.

Nordkorea Kim Jong Un Gedenktag Pyongyang Screenshot KRT TV
Ким Јонг УнФотографија: Reuters

Неговиот син, Ким Јонг Ил цели десет години се подготвувал за преземање на власта во 70. години. За таа цел, најверојатно во согласност на татко му, наредил егзекуција на сите потенцијални конкуренти. „Тој ја познавал партијата во срж, и сите личности на клучни функции му биле лојални“. Тоа меѓутоа не е случај и со Ким Јонг Ун, бидејќи неговото доаѓање на власт беше делумно неочекувано.

Кристоф Полман смета дека ќе следува промена на елитите, но постепено, за да не дојде до дестабилизација на системот.

Најстрашното, според експертите, е тоа што она што се дознава надвор од земјата, е всушност само најмал дел од вистинските случувања. Едно е сигурно, најновите чистки во државниот врв доведоа до тоа многумина во Северна Кореја сега да живеат во далеку поголем страв од порано.