Северна Кореја планира нуклеарна проба?
8 април 2013Јужнокорејските медиуми јавуваат за засилени активности на најважните севернокорејски локации за атомски тестови. Според проценки на јужнокорејската влада, во близина на локацијата кај Пунгие Ри забележано е движење на возила и персонал, слично на она што беше констатирано пред да биде извршен третиот атомски тест во февруари, цитира еден јужнокорејски весник неименуван извор во владата.
Нејасно е дали активностите значат навистина подготовки за нов нуклеарен тест или служат да го збунат американското сателитско набљудување, за на тој начин да се зголеми притисокот врз Вашингтон и Сеул, изјави претставник на владата за весникот „ЈоонАнг Илбо“. Освен тоа, армијата на Јужна Кореја за весникот потврдува дека Северна Кореја веројатно се подготвува за старт на ракета со среден дострел од мобилна рампа за исфрлање ракети на источниот брег.
Пекинг го предупредува Пјонгјанг на опасност од ескалација
Претходно, Кина во неверојанто остра форма го предупреди севернокорејското раководство на опасноста од ескалација на тензиите на Корејскиот полуостров. На ниту една земја не смее да и‘ се дозволи поради себични мотиви да втурне еден регион или дури и цел свет во хаос, изјави кинескиот претседател Ши Џинпинг. Заедницата на држави треба да се заложи за визија на кооперативна безбедност, соопшти тој. „Глобалното село“ не смее да стане „арена за гладијаторите“, рече кинескиот претседател. Сепак, Ши во својот говор не ја спомена директно Северна Кореја.
Поранешниот американски амбасадор во Кина, Џон Хантсман, изјавите на Ши ги означи како пораки кои досега во таква форма не се слушнати. Дипломатот оцени дека е очигледно оти Кина го губи трпението со својот сојузник.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, се заложи за разговори. Кина смета дека тензиите може да бидат решени преку дијалог „сеедно како се менува ситуацијата“, рече тој. Кина, која е сојузник на режимот во Пјонгјанг, се залага за повторен почеток на шестпартитниот дијалог со Северна Кореја.
Околу актуелниот момент во конфликтот, шефот на кинеската дипломатија изрази голема загриженост. Неговото министерство побарало од севернокорејското раководство да ја осигура безбедноста на кинеските дипломати. Истовремено, кинеското МНР соопшти дека амбасадата во Пјонгјанг работи нормално.
Северна Кореја во петокот (05.04) препорача амбасадите во Пјонгјанг да ја разгледаат можноста за евакуација. Германија, и покрај ваквата препорака, донесе одлука засега да не го повлекува персоналот од амбасадата. Во дипломатските кругови на ваквата препорака од страна на Пјонгјанг се гледа како на обид да се зголемат тензиите на полуостровот.