Северна Кореја и натаму провоцира
27 мај 2009На властите во Северна Кореја мора да им стане јасно, дека без промена на курсот ќе ги почуствуваат последиците од нивните постапки, порача американскиот Стејт Департмент. Истовремено САД се подготвени за продолжување на шест-партитните преговори за спорната атомска програма на Северна Кореја, изјави портпарол на Стејт Департментот во Вашингтон. Во сабота американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс во Сингапур ќе ги усогласува натамошните постапки во случајот со Северна Кореја со неговите колеги од Јапонија и Јужна Кореја.
Дипломатските напори не оставаат голем впечаток кај раководството на Северна Кореја
Во меѓувреме американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон телефонски разговарала со нејзиниот руски колега Сергеј Лавров. Таа притоа се изјаснила за брз и единствен одговор на провокациите на Пјонгјанг. Меѓутоа најновите дипломатски напори по се изгледа не оставаат голем впечаток кај властите во Северна Кореја. Новинска агенција Јонхаб од Јужна Кореја известува дека соседната земја денеска тестирала уште една ракета од краток дострел. Во понеделникот покрај атомската проба Северна Кореја истрела три, а вчера уште два проектила од краток дострел.
Покрај тоа јужнокорејските медиуми денеска јавуваат и оти американските шпионски сателити пронашле индикации за тоа дека Северна Кореја повторно ја ставила во погон нејзината нуклеарна постројка во Јонгбјон. Во неа имено може да произведува плутониум кој може да се користи за вооружување на атомските бомби. Од друга страна Советот за безбедност на ОН кој вчера остро и едногласно го осуди нуклеарниот тест спроведен од Северна Кореја, продолжува со консултациите околу резолуцијата со која треба да бидат заострени веќе постоечките санкции за оваа земја.
Се подготвува сотра резолуција за Сверна Кореја
Русија веќе сигнализираше дека треба да се очекува остра резолуција за Северна Кореја. Кина, најголемиот сојузник на Северна Кореја соопшти дека директно протестирала кај властите во Пјонгјанг.
Во Германија пак, сојузната влада го повика амбасадорот на Северна Кореја во Берлин, Хонг Чанг Ил, за да изрази протест против политиката на неговата земја. Ополномоштеникот за Азија во министерството за надворешни работи Ханс Хенинг Бломејер Бартенштајн за време на разговорот со амбасадорот ја повторил германската критика за атомскиот и ракетните тестови. Северна Кореја со нив натамошно се самоизолира, порачал Бломејер Бартенштајн.
Автор: СН/АТ/дв
Редактор: Александра Трајковска