1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја испрати свој претставник во Кина

ЖА/дв/дпа/афп22 мај 2013

Минатите месеци односите меѓу двете комунистички држави претрпеа значителни штети, најмногу поради воените закани и игри на Пјонгјанг. Поради тоа, сериозен разговор е повеќе од потребен.

https://p.dw.com/p/18bpP
Фотографија: picture-alliance/AP

Специјалниот претставник на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун замина во еднодневна посета на Кина, соопшти официјалната агенција КЦТА.

Освен името на пратеникот, началникот на Главното политичко биро на Корејската народна армија, Чое Рионг Хе (на фотографијата), во соопштението за него не се споменува ништо за целта на посетата.

Чое, кој е исто така и член на моќната влијателна Комисија за одбрана, се смета за човек од доверба на младиот властодржец.

Ким Јонг Ун, откако ја презеде власта од својот татко Ким Јонг Ил во декември 2011 година, не ја посетувал Кина, главниот политички и економски сојузник на Северна Кореја. Вашингтон го притиска Пекинг да го искористи своето влијание за да го убеди Пјонгјанг за се откаже од нуклеарната програма.

Односите меѓу Северна Кореја и Кина, традиционални сојузници, во минатите неколку месеци видно се оладија со оглед на растечките тензии во спорот околу севернокорејската атомска програма. Пекинг истовремено се наоѓа под притисок да се дистанцира од Пјонгјанг. Неодамна Кинеската банка ја прекина соработката со Надворешнотрговската банка на Северна Кореја. Кинезите со тоа ги следат санкциите на ОН, воведени по третиот атомски тест на Пјонгјанг во февруари. Изолираната држава меѓу другото им се закани на САД и на Јужна Кореја со атомски напади. Сепак, се чини дека во последно време затегнатоста попушта. Според американски наводи, раководството на Северна Кореја ги повлекло претходно веќе поставените на стартни ракетни рампи ракетите со среден дострел. Во вторникот Пјонгјанг го ослободи кинескиот брод со 16 рибари, кој беше запленет пред две недели. И овој инцидент ги оптовари односите меѓу двете земји.