СДСМ со ново раководство
15 јуни 2013Новиот состав на раководството е одлука што синоќа (14.06) ја донесе Централниот одбор (ЦО) на СДСМ на предлог на новиот лидер на партијата, Зоран Заев. Истовремено е одлучено професорката Рената Десковска да претседава со Централниот одбор на партијата, а Јован Деспотовски да биде секретар за меѓународна соработка. ЦО синоќа донесе одлука новиот 15 конгрес да се одржи на 30 јуни, кога се очекува да се донесе и најавената статутарна измена со која Радмила Шеќеринска ќе стане заменик-претседател на социјалдемократите.
Назначен е нов состав на Извршниот одбор на партијата, во кој нема ниту еден од досегашните партиски функционери. Во новиот состав на ИО, влегоа Хари Локвенец од Прилеп, Максим Димитриевски од Куманово, Ванчо Ѓорѓиев од Кочани, Адријана Савеска од Тетово, Спасе Глигоров од Струмица, Ѓоко Танасовски од Охрид, Љупче Николовски од Крива Паланка, Благојче Бочварски од Штип, како и Петар Атанасов, Тања Прентовиќ, Драган Тевдовски, Сања Лукаревска, Тања Ковачев, Пеце Мирчевски и Виктор Петрушевски - сите од Скопје Есад Рахиќ најверојатно ќе ја води градската организација на Скопје.