1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ

БГ/миа/макфакс25 февруари 2013

Владејачката партија нуди рокот за поднесување кандидатури за локалните избори да се помести за 3 март. Новиот рок би се постигнал преку измени во Изборниот законик. Од СДСМ го отфрлија предлогот.

https://p.dw.com/p/17lUW
Фотографија: MIA

Опозициската СДСМ го оцени како лицемерен предлогот на Зоран Ставрески од ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на рокот за поднесување листи на кандидати за локалните избори.

„Сојузот за иднина, не одлучи да ги бојкотира престојните локални избори затоа што немаше време да состави кандидатски листи, туку оваа наша одлука е одговор на партиско-полициски пуч на власта, во кој и самиот Ставрески по налог на Груевски беше директно вклучен, заради што беше суспендирана парламентарната демократија и поништен легитимитетот на државните институции“, велат од СДСМ.

Според нив, лидерот Бранко Црвенковски, во име на здружената опозиција, на 15-ти февруари предложил „разумен, конструктивен и фер план за излез од кризата’, според кој за тоа дали ќе има или не предвремени парламентарни избори треба да одлучат граѓаните на претстојните локални избори, а не ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ.

„Тој предлог гласи, ако на локалните избори, советничките листи на здружената опозиција Сојуз за иднината освои барем еден глас повеќе од листите на коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ, тогаш да има предвремени парламентарни избори“, потсетуваат од опозициската партија.

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката ВМРО- ДПМНЕ претходно денеска упати нов предлог до СДСМ за надминување на политичката криза во земјата. Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Ставрески го претстави предлогот со кој се нуди утврдување нов рок за доставување на листите за кандидати за градоначалник и за советници кој би траел до 3 март, недела, до 24 часот. Во овој рок, нагласи тој, сите политички партии ќе можат да ги достават листите, а оваа постапка би се овозможила со интервенција во преодните и завршни одредби на Изборниот законик и би се однесувала само за овие локални избори.

Mazedonien Land und Leute Finanzminister Zoran Stavreski
Зоран СтаврескиФотографија: Petr Stojanovski

„Со овој предлог на СДСМ му се овозможува цела една недела да ги состави листите на кандидати за советници и градоначалници и да учествува на изборите без притоа да има потреба од одложување на изборите што за ВМРО-ДПМНЕ е непотребно и неприфатливо. Ако е потребна една недела за подготовка на листите СДСМ со овој предлог ја има“, рече Ставрески.

Доколку СДСМ донесе одлука за враќање во работата на Собранието тоа би имало и позитивни резултати во насока на надминување на политичката состојба со што би продолжил и политичкиот дијалог по сите важни прашања.

ВМРО-ДПМНЕ предлага во врска со настаните од 24 декември 2012 година формирање комисија која би имала надлежност да ги утврди сите причини, аспекти и настани кои доведоа до конкретната ситуација по примерот на сите демократски држави.