1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ ги соопшти своите услови

ЕМФ/миа9 јануари 2013

Опозицискиот „Сојуз на иднината“, предводен од СДСМ, ќе учествува на изборите, доколку покрај најавените локални се одржат и предвремени парламентарни избори. СДСМ има и неколку други услови.

https://p.dw.com/p/17GYr
Фотографија: MAKFAX

Ова е едно од барањата на опозицијата што денеска на прес-конференција го соопшти претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Покрај ова, за фер и демократски избори опозицијата бара и формирање привремена влада чиј мандат ќе биде од распишување до завршување на изборите, смена на клучните ресори - министерствата за правда, внатрешни работи и финансии со личности кои со својот кредибилитет ќе гарантираат објективност на изборниот процес. Се бара и смена на директорот на јавниот сервис МРТВ, како и целосно прочистување на избирачкиот список и измени на Изборниот законик со вградување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

„Ова се нашите позиции и услови, ова е нашиот предлог за излез од длабоката политичка и институционална криза во која е доведена Република Македонија со политиките и постапките на актуелната власт“, рече Црвенковски.

Одлуката, како што истакна тој, е донесена едногласно на вчерашната (08.01) седница на Централниот одбор во проширен состав, на која присуствувале пратениците од СДСМ, актуелните градоначалници и кандидатите за градоначалници.

Од СДСМ истакнуваат дека се подготвени веднаш да почнат разговори со партиите на власт за остварување и операционализирање на овие услови, а доколку нивните предлози бидат одбиени, тогаш, како што информира Црвенковски, ќе ја продолжат нивната битка со методите на улична демократија и сите видови на граѓански отпор.

„Целокупната одговорност за каков било обид да се организираат какви било нелегитимни избори и со тоа понатамошно политичко дестабилизирање на земјата, ќе ја сноси актуелната власт“, рече лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.