290908 Österreich Wahl Reaktionen
29 септември 2008Големата коалиција во Австрија, на изборите претрпе голема загуба на гласовите, а од тоа профитираа двете десно- популистички опозициски партии. Меѓу нив и партијата „Сојузот за иднина на Австрија“, на контроверзниот Јерг Хајдер, која освои 11 проценти од гласовите: „Големата коалиција е мртва. Сега треба да се направи поинаква варијанта. Ќе работиме Австрија да добие стабилна и добра влада, која ќе ја извади земјата од дезориентираноста што ја предизвика оваа влада“, изјави Хајдер.
Штрахе: „ФПО е победник на вечерта“
Уште подобар резултат постигна „Партијата на слободата“ на Хајнц Кристијан Штрахе. ФПО освои 18% од гласовите и е трета по големина сила во парламентот: „Ние сме победници на вечерта. Радосни сме поради тоа што политиката на досегашната владејачка коалиција на социјалдемократите и Народната партија е поразена. Двете партии постигнаа историски најлош резултат“, изјави Штрахе.
Фајман: „Посакувам стабилна влада“
Сепак, социјалдемократите на Вернер Фајман, се победници на изборите. Со освоени 29,7%, СПО е најсилната политичка сила во парламентот. Фајман ќе го добие мандатот за формирање на новата влада. Тој останува на желбата да коалицира со Конзервативната народна партија и покрај лошите искуства од владеењето во големата коалиција: „Останувам на ставот против коалицирање со двете десни партии, но постојано велам - посакувам стабилна влада, која на граѓаните ќе им покаже дека ако нешто се сака да се постигне, тогаш е потребна широка база“, изјави Фајман.