1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

021009 Friedensgebete Wende

9 октомври 2009

Пред 20 години, во Германската Демократска Република се случи големиот политички пресврт. Клучен настан беа големите демонстрации со 70.000 луѓе во Лајпциг, на 9 октомври 1989 година.

https://p.dw.com/p/K2IK
„Не сакаме насилство, сакаме промени“: демонстранти со транспарент на демонстрациите во ЛајпцигФотографија: picture-alliance/ dpa

Решавачкиот ден Катрин Хатенхауер го мина во затвор. Причината за затворањето беше тоа што по мировните молитви, во дворот пред црквата на Свети Никола во Лајпциг, на крајот на септември 1989 го истакна транспарентот на којшто пишуваше „За отворена земја со слободни луѓе“.

„Во тоа време можев само да видам дека чуварите во затворот беа многу напнати. Затворот некако се тресеше, така што мислев дека надвор се движат камиони. Дека станува збор за нозете на 70.000 луѓе, не ми беше јасно“, раскажува Хатенхауер.

Deutschland Leipzig Nikolaikirche
Николајкирхе во ЛајпцигФотографија: picture-alliance/ ZB

Со толкава маса луѓе очигледно не сметаше никој во режимот на Германската Демократска Република. Власта се откажа од оружена интервенција против толкавата маса демонстранти и со тоа победија луѓето кои од црквата на Свети Никола излегоа со свеќи во рацете. Оваа неверојатна „победа на свеќите над оружјето“ беше кулминација на долгиот процес што во Протестантската црква во Источна Германија се случуваше уште од почетокот на 80-тите години. Во нејзините недра, имено, се создаваа т.н. базични групи, кои се молеа за мир. На една од групите им припаѓаше и Рајнер Милер: „Бевме христијани, дел од црквата и молитвите за мир беа израз на нашата верба. Тоа беше логична последица на нашата замисла за христијански живот во ГДР, во тие тешки услови во кои бевме родени, во тие нечовечки услови што сакавме да ги измениме.“

Молитви за мир

Молитвите за мир станаа јасно политички мотивирани најдоцна по масовните апсења поврзани со демонстрациите во чест на Роза Луксембург, во јануари 1988 година. Оттогаш, на мировните молитви во протестантските цркви се собираа се’ повеќе луѓе, меѓу кои имаше и растечки број на оние кои сакаа да се иселат од ГДР. Во рамките на црковното раководство се појавија дилеми дали мировните молитви не се премногу политички ориентирани и дали тоа нема да предизвика репресалии од страна на власта. Летото 1988, режимот успеа дури да внесе раздор и да го смени од функцијата Кристоф Вонебергер, кој беше задолжен токму за мировните молитви. Внесувањето раздор во црквата беше добро осмислена тактика на владеачката Социјалистичка партија. Но, тоа беше пирова победа за власта, бидејќи со тоа ја изнесе револуцијата од пред црквите - на улица. Кога државата во септември 1989 година побара потполно укинување на мировните молитви, црковното раководство се осмели да пружи отпор: „Заканата беше сосема јасна - со недели надлежните власти ни велеа дека мора да преземеме решителни мерки, зашто инаку ситуацијата ќе излезе од контрола. И згора на тоа, ни‘ се закануваа дека ќе ги преземат сите можни мерки за да ја спречат контрареволуцијата“, појаснува Фридрих Магириус, член на тогашното раководство на источно-германската протестантска црква.

Montagsdemonstrationen 1989
Верниците излегоа со свеќи в раце од црквата Свети НиколаФотографија: picture-alliance/dpa

Народот ги преплави црквите

Но, на 9 октомври сите цркви во Лајпциг ги отворија вратите за сите оние кои сакаа да им се приклучат на мировните молитви. А нив ги имаше толку многу, што никој не можеше да си поверува на очите. Таквата демонстрација на незадоволство од режимот и барање промени не можеше да ја издржи системот, кој се’ повеќе се потпираше на сила. Тоа беше почетокот на крајот на Германската Демократска Република.

Автор: Мехтилд Баус / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска