1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светски спортски конгрес во Берлин

21 април 2005

Преку 1000 претставници на Меѓународниот Олимписки Комитет и на сите Спортски сојузи расправаа за трендовите во светот на спортот, разменуваа информации и создаваа сојузи за претстојните решенија, како на пример кои спортски дисципилини ќе останат во составот на Олимписките игри, а кои не и кои нови дисциплини евентуално ќе се искачат на Олимп.

https://p.dw.com/p/AelB
Жак Рог, претседател на МОК
Жак Рог, претседател на МОКФотографија: AP

Делегатите на Конгресот не зажалија што дојдоа во Берлин. Атмосферата беше добра, немаше поголеми кавги и спорови, што е поврзано и со фактот што во германскиот главен град не беше предвидено да се донесуваат конечни решенија. Меѓу неубавите мигови секако се вбројува критиката на претседателот на МОК, Жак Рог, на адреса на претставниците од Лондон и Њујорк, кои како кандидати за Олимписките игри во 2012-та ветуваа огромни подароци. Конечното решение треба да падне на седницата на МОК на 6 јули во Сингапур. Но, Рог исто така и ги израдува делегатите соопштувајќи им дека наскоро ќе пристигнат 262 милиона долари, како заработувачка од последните Олимписки игри во Атина. Тоа се цели 200 милиони повеќе од очекуваното.

На Конгресот во Берлин многу се дискутираше околу евентуалните измени во програмата на Олипмиските игри од 2012-та.

„Во Сингапур ќе има гласање за секоја спортска дисциплина и членките ќе можат да го дадат својот глас. Доколку некоја дисциплина добие 51% од гласовите или повеќе, тогаш останува олимписка„ – појаснува Денис Освалд, задолжен за програмата на Летните Олимписки игри.

Но, дисциплините кои нема да ја добијат неопходната поддршка од 51 процент, тие ќе бидат елиминирани од програмата. Правилата на МОК предвидуваат Олимписките игри да имаат најмалку 15, а најмногу 28 спортски дисциплини:

„Донесовме одлука да не ја пречекориме границата од 28 дисциплини. Тоа значи ако сите досегашни добијат доволно гласови, тогаш нема место за воведување нови. Но, ако некоја не добие доволно гласови, тогаш се отвора простор за нова„ – појаснува Освалд.

Според најновите сознанија од дебатата во Берлин, во опасност се безболот и софтболот, како и модерниот петобој. А меѓу оние кои тропаат на олимписките врати се рагби, голф, карате, инлајн скејтинг и сквош. Експертите им даваат најголеми шанси на оние спортови, кои не бараат нови инвестиции и затоа каратето се чини има најголеми шанси. И за рагби не се потребни нови стадиони, бидејќи може да се игра на стадионите за безбол. А голфот едноставно се потпира врз огромната популарност што ја стекна последниве години. На конечната одлука сепак ќе мора да почекаме до почетокот на јули.