1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светска банка фали, но сугерира и на сериозност

Костадин Делимитов10 декември 2013

Позитивниот извештај на Светска банка за Македонија за експертот Томе Неновски е пријатно изненадување. Пофалбите се за подравување, но потребна е внимателност, посебно во управувањето со јавниот долг.

https://p.dw.com/p/1AVsc
Фотографија: DW/R. Wenkel

Пофалби за економскиот раст, порака за внимателност околу јавниот долг. Македонската економија доби главно позитивна оценка во најновиот извештај на Светска банка во кој се скенираат состојбите во земјите од регионот. Со економски раст од 3,4% во првата половина од годинава Македонија е на прво место во регионот:

„Македонија доста добро напредна во однос на економскиот раст . Во споредба со другите земји од регионот во првата половина од оваа година имаше највисок раст. Добро и оди, но нема простор за опуштање“, порача Татјана Проскурјакова, директорка на канцеларијата на Светска банка во Македонија. Оценките на реномираната финансиска институција за експертите се позитивен сигнал и потврда дека земјата води здрави економски политики:

„Добивме една благопријатна вест дека нашата економија била на некој начин водечка во остварувањата во изминатиот период од годината, нешто што мора да се признае дека во првото полугодие изненади повеќе од нас аналитичарите во смисла на остварениот бруто домашен производ што беше значително повисок од планираното. Тоа е оној сигнал или импулс што ќе биде понатаму реализиран и во третиот квартал со што се заедно би ја задржило оваа година на ниво од пораст од два ипол до три проценти. Изненадување е и податокот во однос на целото опкружување што веројатно е и резултат на домашните политики што ги реализира Република Македонија“, изјави за Дојче веле универзитетскиот професор Томе Неновски.

Контрола на јавниот долг

Клучниот предизвик за земјата е јавниот долг кој не е загрижувачки но треба да се контролира, намалување на сиромаштијата, порамномерна распределба на приходите и подобрување условите на пазарот на труд посебно за младите:

„Ние веќе во нашата фискална стратегија сме ја одредиле границата на јавниот долг на околу 40% од БДП што значи дека во следниот период треба да гледаме да не ја надминеме таа граница, а тоа ќе се направи со постепено или умерено намалување на буџетскиот дефицит од година во година што впрочем и е планирано во таа фискална стратегија. Тоа се разбира треба и да се реализира со рационално користење на расположивите средства“, смета Неновски.

Во делот на невработеноста регистриран е најголем напредок, иако и намалената стапка од околу 29% е се уште висока. Неновски смета дека оваа бројка не е објективна со оглед дека добар дел од вработените се во сферата на сивата економија. Затоа според него еден од клучните предизвици во идниот период е да се работи на објективизирање на големината на стапката на невработеност;

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: DW

„Во меѓувреме се разбира дека треба да се дејствува продуктивно во смисла на отворање на нови работни места каде што продуктивно би се вработувале нови лица, особено младите на возраст од околу 30 години. Притоа внимавајќи дека е потребно да се изврши соодветна промена на структурата на лицата кои што се образуваат за да ги задоволат потребите на пазарот на труд затоа што многу е интересно што и покрај толкавата голема бројка на невработени во земјата тешко се наоѓаат гипсари, електроничари, водоводџии и друг вид квалификации, а од друга страна тешко се наоѓаат финансиски менаџери, информатичари, технолози од различен вид што би ги здоволиле барањата посебно на странските инвеститори“, коментира Неновски.

Според прогнозите на Светска банка годинава и во 2014 Македонија ќе оствари поголем економски раст од просечниот во Југоисточна Европа, 2,5% во 2013, односно 3% во 2014. Просечниот раст во регионот и за двете години е проектиран на 1,8%. Повисока проекција за економскиот раст има само за Косово, 3% за годинава, односно 4% во 2014. Освен Македонија извештајот на Светска банка се однесува на Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора.