1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светска банка: Македонија со највисок економски раст во регионот

ЖА/миа9 декември 2013

Во Македонија треба да се вложуваат уште напори за намалување на невработеноста и за рамномерна распределба на приходите, се вели во извештајот на Светската банка за првата половина од 2013. година.

https://p.dw.com/p/1AVf2
Фотографија: DW/R. Wenkel

Економскиот раст во Македонија во првата половина на 2013 година е на највисоко ниво во регионот, а е резултат на силното закрепнување во градежниот и услужниот сектор, се наведува во Редовниот економски извештај за Југоисточна Европа на Светска банка.

Извештајот, кој денеска првпат беше презентиран од Тирана, а кој преку линк го презедоа и останатите земји - БиХ, Албанија, Косово, Црна Гора и Србија, посочува дека сите шест држави излегле од рецесијата во првата половина на 2013 година, претежно заради извозот ориентиран главно кон Европа.

Во заклучоците од документот се посочува дека просечниот раст на реалниот бруто домашен производ на шесте земји се поврати од негативните 0,7 во 2012 година на 1,8 во првата половина на 2013 и се очекува да достигне приближно два процента до крајот на годинава.

Во Македонија во првата половина на годинава економскиот раст на БДП се наведува, беше највисок во регионот, 2,5 отсто, а во 2014 се очекува дека ќе биде 3 проценти.

На новинарско прашање, Татјана Проскурјакова, директор на канцеларијата на Светска банка во Скопје истакна дека Македонија се‘ уште нема ниво на јавен долг што би излегувал од контрола.

„Се согласувам со ММФ дека ова е нешто на кое Владата треба да внимава. Владата има среднорочна програма за намалување на дефицитот и за стабилизирање на нивото на јавниот долг и сериозно го сфаќа ова прашање, како што треба“, рече Проскурјакова.

Македонија, како што истакна Проскурјакова, е земја што успеа да оствари и најголемо намалување на невработеноста во регионот.

„Од една страна на Македонија добро и‘ оди, а од друга страна нема простор за опуштање и треба да се вложуваат уште напори за намалување на невработеноста“, рече Проскурјакова.

Според неа, во земјата исто така, нема доволно работни места за младите. Македонија мора да се стреми кон намалување на сиромаштијата и кон рамномерна распределба на приходите, се главните препораки за земјата.