Светска банка: Европејците премалку работат
29 јануари 2012„Европејците работата помалку часови неделно, помалку недели во годината и помалку години од својот живот отколку работниците од другите региони во светот“, се вели во неодамна објавената студија со наслов: „Златен развој-како европскиот економски модел да го врати сјајот“.
Оној кој во Европа има работно место, денес ужива досега невидена сигурност, се вели во студијата. Надоместоците за оние кои немаат работа се релативно великодушни, освен тоа, лесно е и одењето во пензија. Брзината со која се скрати работното време во Франција, Италија и Шпанија од 1995-та година наваму, со оглед на „скромните“ напредоци во продуктивноста во изминатите две децении, е „загрижувачка“.
Според студијата, почетокот на работниот век во Европа се‘ повеќе се одолговлекува, а пензијата почнува се‘ поскоро. Сето ова не придонесува за конкурентнсота на Европа. За да се реши проблемот, голем дел од европските земји треба да го зголеми работното време и да им овозможи на младите да најдат работно место. Европските влади мора „попродуктивно“ да го ангажираат населението во продуктивната возраст, а со оглед на стареењето на општеството, да привлечат повеќе доселеници од странство. Освен тоа, Европа треба да се погрижи за подобро образование на мигрантите, моментно околу половината од нив не се доволно квалификувани, вели студијата на Светската банка.
Автор: ЖА/ афп
Редактор: Александра Трајковска