1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот стравува од сириското хемиско оружје

ЕМФ/дпа/дапд/ртр22 јули 2012

Најголемата загриженост за Израел во овој период од сириската криза предизвикува можноста хемиското оружје на Сирија да падне во раце на радикални групи. Израел тоа сака да го спречи по секоја цена!

https://p.dw.com/p/15d3d

Израел досега ги набљудуваше крвавите судири во соседна Сирија како неутрален посматрач. Но колку што се наближува можното соборување од власт на претседателот Башар ал-Асад, толку поголема е загриженоса во Тел Авив дека Израел би можел да биде вовлечен во војна. Режимот на Асад располага со најголемиот арсенал на хемиско оружје на Блискиот исток. „Стравуваме дека ова оружје во хаосот би можело да падне во погрешни раце“, изјави денеска (22.07) поранешниот шеф на воената авијација на Израел, Бен Елиаху. Притоа се мисли пред се‘ на радикални групации како либански Хезболах или терористичката мрежа Ал Каеда.

Израел сака да спречи вакво хорор-сценарио по секоја цена. Не смее во никој случај да се прифати Хезболах да стигне до вакво модерно оружје, нагласи израелскиот министер за одбрана Ехд Барак. Тој веќе и‘ дал насоки на армијата да се подготви за можна акција, изјави Барак денеска за израелската телевизија. Политичкиот директор во израелското министерство за одбрана Амос Гилад рече дека сирискиот режим се‘ уште има контрола врз хемиското оружје во земјата и дека го штити арсеналот најдобро што е можно.

Chemische Waffen Vernichtung
Се стравува од можност хемиското оружје на Сирија да падне во раце на радикални исламистиФотографија: AP

Израелскиот политиколог Ејал Зисер не може да си претстави Израел сам да интервенира и пледира за меѓународна алијанса за обезбедување на сириското оружје. „Тоа е проблем на сите“, изјави Зисер за агенцијата ДПА. Особено САД, Турција, Јордан и Русија немаат интерес опасното хемиско оружје да се најде во рацете на радикални исламисти, оценува Зисер и додава дека затоа „Израел не треба да се турка напред“.

САД веќе соопштија дека внимателно го набљудуваат сирискиот магацин со хемиско оружје. „Сметаме дека сирискиот магацин со хемиско оружје е и натаму под контрола на сириската влада“, изјави портпаролот на американската влада Томи Виетор. Според Виетор, САД околу ова прашање се во контакт со сириските соседи и со меѓународната заедница. Неименуван сириски претставник кој дезертираше и ја промени страната, како што јавува агенцијата Ројтерс, изјавил дека сириското воено раководство го извадило хемиското оружје од магацините и дека го преместило на други локации.