Светот потфрли во помошта за Хаити
16 јули 2010Германската секција на хуманитарната организација „Лекари без граници“ се спротистави на какво било мешање на хуманитарниот и воениот мандат во Авганистан. За да може да помогнат, хуманитарните организации би морале да бидат прифатени како неутрални и независни, изјави претседателот на управниот одбор на организацијата Танкред Штебе во Берлин. Според него веќе и самата дискусија за такво нешто ги доведува во опасност не само соработниците на „Лекари без граници“ туку и пациентите.
Екстремно комплицирана ситуација во Авганистан
Критиката на Штебе се однесуваше на изјавите на Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен и на германскиот министер за развој Дирк Нибел, кои се изјаснија за соработка меѓу двете страни. Според наводите на Штебе, безбедносната состојба во Авганистан е екстремно комплицирана, и токму затоа треба да се одбегне секаков впечаток за соработка меѓу воениот и хуманитарниот мандат. Германската секција на „Лекари без граници“ остро ја критикуваше меѓународната заедница дека потфрлила во хуманитарниот ангажман на Хаити.
Огромен јаз меѓу ветувањата и дадената помош
Шест месеци по катастрофалниот земјотрес, многу жители на карипската држава и натаму живеат во привремени живеалишта пред се’ шатори и се изложени на лошото време и на болести. Јазот меѓу ветувањата за помош од страна на меѓународната заедница во првите недели по земјотресот и реалноста шест месеци подоцна е огромен, порача раководителот на берлинската секција на организацијата Франк Дернер.
На 12 јануари годинава, во силниот земјотрес што го погоди Хаити, загинаа 250 илјади луѓе, а околу 300 илјади беа повредени. Повеќе од еденипол милион луѓе останаа без покрив над главата.
Автор: СН/ АТ/ дпа
Редактор: Александра Трајковска