141109 APEC Gipfel
14 ноември 2009Очекувањата се големи, особено од Кина која би требало да игра поголема улога во поттикнувањето на светската економија. САД во иднина не би можеле да бидат веќе мотор на светската конјуктура, оцени индонезискиот претседател Сусило Бамбанг Јудхојоно: „Светската економија не може да биде и натаму зависна само од САД како мотор. Мораме да обезбедиме избалансиран пораст кој ќе има повеќе столбови.“
Кинескиот претседател Ху Џинтао повика на скорешно завршување на преговарачката рунда од Доха за либерализација на светската трговија и предупреди дека протекционизмот би можел да го кочи опоравувањето на светската економија.
„Последиците на финансиската криза се‘ уште можат добро да се почувствуваат, а полетот на светската економија ни оддалеку не е осигуран. Проблемите на меѓународниот економски систем се‘ уште не се решени. Се‘ уште има многу фактори на дестабилизација и несигурност. Само со либерализација на трговијата би можеле да постигнеме целосно опоравување на светската економија.“
Прво ќе се опорави Азија, па САД и на крај - Европа
Дел од АПЕК, покрај поголемиот дел југоисточно-азиски земји, како и Русија, Кина, Хонгконг, Тајван, Јужна Кореја и Јапонија, се и земји од другата страна на пацификот - Канада, САД, Мексико, Перу и Чиле. Членки на АПЕК се и земји од јужно-пацифичкиот регион - Австралија, Нов Зеланд, Папуа-Нова Гвинеја. Во 21 земја членка на сојузот, се одвиваат 50% од светската трговија.
Регионот има клучна улога во поттикнувањето на светската економија, изјави и директорот на Меѓународниот монетарен фонд, Доминик Штрос-Кан: „Според нашата прогноза, во 2010 година економски полет ќе има не само во САД, туку и во остатокот на светот. Можеби бевме преголеми песимисти, зашто порастот на светската економија се случи побрзо отколку што очекувавме. Економски полет прво ќе има во Азиија, а потоа во САД, па во Европа.“
Вечерва во Сингапур треба да пристигне и американскиот претседател Барак Обама. Тој утре (15.11.09) ќе разговара со шефовите анм држави и влади на 10 земји на АСЕАН, од кои седум се и членки на АПЕК.
Автор: Бернд Муш-Боровска / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Симе Недевски