1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот живее на долг

17 ноември 2010

Кога се чинеше дека кризата на финансиските пазари е надмината, заслабнатите државни буџети станаа закана за светската конјуктура. Во еврозоната годишните нови задолжувања трикратно се зголемија.

https://p.dw.com/p/Q9mp
Светската историја е историја на задолжување

Експертот за економија од Универзитетот во Фрајбург Уве Вагшал зборува за задолжувањата:

„Светската историја е историја на задолжување. И античките Грци биле многу задолжени и живееле на туѓа сметка.“

Мерките за штедење го спречуваат порастот

Symbolbild Sparpaket sparen Haushalt Deutschland Steuern
Мерките за штедење може дополнително да ја заслабнат економијатаФотографија: BilderBox

Кризите поради задолжувањето често завршувале со граѓански војни и судири меѓу државите. За да се избегне државен банкрот во Грција и да се даде поддршка на еврото, како и за да може да реагира во други слични ситуации, Европската унија формира фонд од 750 милијарди евра. Но, со тоа само се доби на време, за земјите со дефицит да го консолидираат својот буџет.

Се‘ уште нема напредок во намалувањето на долговите, а постои опасност меркита за штедење да го спречат порастот. Така, економијата во Грција и Шпанија годинава уште повеќе ќе заслабне. Другите две проблематични земји во еврозоната, Ирска и Португалија, во најдобар случај ќе успеат да постигнат стагнација. Кога нема пораст, има помал прилив на даноци, што е лошо за исплаќањето на се‘ поголемите долгови.

Досегашните искуства од економијата зборуваат дека овие земји уште долго ќе бидат засегнати од овој негативен ефект врз порастот. Томас Штраубхар, директорот на Институтот за светска економија во Хамбург, вели:

„По правило, кај буџетите кои се толку многу задолжени, економските сили пред се‘ во тој случај може малку да се забават во иднина, за разлика од економиите кои, во споредба со нив, имаат помали државни долгови. Тоа е поради ефектот на мултипликатор, т.е. ефектот на еден долар или едно евро, платени од државата, секогаш е помал, отколку оние платени од приватните лица.“

Централните банки ќе ги зголемат каматите

thomas straubhaar.jpg
Директорот на Институтот за светска економија во Хамбург, Томас ШтраубхарФотографија: DW-TV

Освен тоа, државите може да дојдат во искушение да ги вратат долговите со помош на зголемување на даноците, со што се ограничува приватната потрошувачка и се затвора ѓаволскиот круг. Со напорите за консолидација всушност не се намалуваат долговите, туку само се забавува порастот. Старите долгови се заменуваат со нови кредити. Едно е сигурно - владите нема вечно да ги добиваат без камати новите кредити од Централната банка, смета Томас Штраубхар:

„Веднаш кога состојбата ќе биде малку постабилна, а луѓето ќе имаат поголема верба во иднината, централните банки во светот релативно брзо ќе ги зголемат каматите, врз основа на стравувањата од инфлација. Паралелно со зголемувањето на каматите на централните банки, ќе се зголеми и каматата на долгот на државата.“

Германија, која со должничката квота од 77 проценти од домашниот бруто производ е во добра позиција, го дава секое четврто евро од приливот на даноци за долговите.

Уве Вагшал од Универзитетот во Фрајбург предупредува дека е потребно сериозно да се решава проблемот со државното задолжување, за да не бидат загрозени наредните генерации:

„Во моментов се случува еднострана распределба на идните даночни оптоварувања. Имено, во иднина ќе се зголемат даноците, додека денешните генерации живеат над своите можности.“

Во Европа ќе биде особено критично, поради стареењето на општеството. Се‘ помалку млади луѓе мораат да го финансираат социјалниот систем за се‘ повеќе постари луѓе.

Автор: Данхонг Жанг / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска