1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот во трка за помош на Филипините

Б. Георгиевски/афп/ртр12 ноември 2013

Американски и британски воени бродови итаат кон брегот на Филипините каде повеќе од 10 илјади луѓе загинаа во ударот на силниот тајфун, а стотици илјади преживеани очекуваат итна помош.

https://p.dw.com/p/1AFgO
Фотографија: picture alliance/dpa

Четири дена откако супер тајфунот Хаијан уништи повеќе крајбрежни градови во централните делови на Филипините, вистинските размери на катастрофата се‘ уште не се во целост познати, иако досегашните извештаи укажуваат на катастрофална состојба.

„Го очекуваме најлошото. Како што минува времето откриваме сѐ поголема трагедија и се‘ поголем број загинати“, изјави директорот за хуманитарни операции на ОН, Џон Гинг. Филипинскиот претседател Бенињо Акино веќе прогласи вонредна состојба во земјата.

Обединетите нации сметаат дека 10 илјади луѓе загинале само во градот Таклобан, главен град на провинцијата Лејте, каде цунами бранови буквално збришале цели населени места.

Околу 10 милиони луѓе, или 10 проценти од населението на Филипините е погодено од катастрофата, а околу 600 илјади ги загубиле своите домови, проценуваат ОН.

Philippinen Taifun Haiyan 12.11.2013
Фотографија: Reuters/Erik De Castro

Спасувачките екипи немаат ни доволно кадар, ниту ресурси за да обезбедат храна, вода и медицински материјали за настраданите подрачја. Најголем број од преживеаните се во очај, без надеж дека ќе успеат да излезат од катастрофалната состојба.

„Тука не остана ништо за нас. Нашите домови ги нема, немаме пари, документи... ништо“, изјави за АФП 48-годишната Карол Мампас, додека се обидува да замине од земјата на аеродромот во Таклобан, заедно со својот неколкумесечен син.

Поројните дождови во текот на ноќта дополнително ја влошија состојбата, а се заканува и нова тропска бура на југот на земјата. Владата воведе полициски час во текот на ноќта, откако бројни локални банди се обидоа да ја искористат ситуацијата и да ограбуваат во напуштените домови и продавници. Разместени се и специјални воени сили.

Невидено уништување

Помошта од меѓународната заедница пристигнува, но засега е далеку од потребните стотици милиони долари, колку што побараа претставниците на ОН. САД и Велика Британија испратија воени бродови со илјадници војници кон земјата, кои треба да обезбедат полесно распределување на хуманитарната помош и медицинска нега за настраданите. Помош ветија бројни земји од светот, меѓу нив и Кина, иако двете земји се наоѓаат во жесток територијален спор.

Одлуката на претседателот Акино за воведување вонредна состојба и‘ овозможи на владата да воведе контроли на цените и да ги отвори вонредните фондови.

Philippinen Taifun Haiyan
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Американските спасувачки екипи кои меѓу првите пристигнаа на островот Самар говорат за невиден хорор. Тајфунот Хаијан тука удри со најголема јачина, со ветрови од околу 315 километри на час. Воздушните фотографии од регионот покажуваат речиси целосна уништеност. „Патиштата се непроодни, сите дрвја се паднати, инфраструктурата е уништена, нема струја. Не сум сигурен како да го опишам ова уништување“, изјави американскиот бригаден генерал Пол Кенеди.