1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сваровски-околувратник за уличните кучиња од БиХ

Фарук Шабановиќ / Александар Методијев6 октомври 2013

Здружението „СОС Заборавени шепи“ (Vergessene Pfoten) од Хаген за пет години вдоми 800 улични кучиња од БиХ. Во проектите за заштита на кучињата е вложен половина милион евра. Во прифатилиштата во БиХ животните страдаат.

https://p.dw.com/p/19uQk
Фотографија: DW/F. Sabanovic

На влезната капија од имотот на Далиборка Чолиќ и нејзиниот партнер Слободан Десанчиќ ќе ве пречека лаеж на пет весели кучиња. Првиот впечаток е како да потекнуваат од улиците во босанските градови, бидејќи нивната физионимоја потсетува на несреќните, напуштени, кастрирани и гладни кучиња скитници од Босна и Херцеговина. Овие кучиња всушност и се поранешни скитници, кои ги полнеле црните хроники во весниците, кога гладни, болни, повредени и изнемоштени напаѓале граѓани во БиХ.

Тие тука се донесени од сараевските улици, а денес се неприкосновени господари на раскошен имот од 11.500 метри квадратни, сместен на падините во градот Хаген, во германската покраина Северна Рајна Вестфалија.

Половина милион евра за заштита на кучињата скитници во БиХ

Сето ова започнало во моментот кога Далиборка и Слободан, благодарение на успехот на нивната приватна фирма, ги заработиле првите стотина илјади евра. Тие тогаш решиле да помогнат во згрижувањето на кучињата скитници во Сараево, кои денес ги има околу 10.000.

SOS Vergessene Pfoten Tierschutz Hunde Megan Bosnien und Herzegowina
До вчера на валканите улици во БиХ, а денес со скапоцен околувратникФотографија: DW/F. Sabanovic

„Кога дојдов во Сараево бев шокирана. Тоа не беа прифатилишта, туку шинтерски служби во кои кучињата се убиваа. Кога се вратив во Германија плачев три недели. Тогаш одлучивме нешто да направиме и да помогнеме“, се сеќава Далиборка.

Таа желба во октомври 2008 година резултираше со основање на здружението „СОС Заборавени шепи“ (SOS Vergessene Pfoten). Оттогаш, благодарение на оваа организација, во германските семејства и во прифатилиштата се вдомени околу 800 кучиња, а истовремено се стерилизирани околу 6.000 бездомни кучиња во Босна и Херцеговина.

Досега ова здружение потроши околу половина милион евра на проекти за заштита на кучињата скитници. За помош на кучињата во Сараево се издвоени околу 150.000 евра, за стерилизација на кучињата во Бихаќ 12.000 евра, а се финансирани слични проекти и во Тузла. Дргите пари се инвестирани во основање и одржување на азил во Грачаница.

SOS Vergessene Pfoten Tierschutz Daliborka Colic Bosnien und Herzegowina
Далиборка Чолиќ со кучето чија операција чинела 6.000 евраФотографија: DW/F. Sabanovic

Негрижа и злоставување на кучињата во БиХ

Далиборка и Слободан најпрво финансиски ги помагаа здруженијата за заштита на бездомни животни во Сараево, но откако виделе дека некои организации ги злоставуваат кучињата за да стекнат сопствена полза, се повлекле од тоа. Далиборка истакнува дека во Сараево има луѓе кои и последните пари ќе ги дадат за да спасат кучиња, но постојат и оние кои профитираат од сето тоа. Прифатилиштата најчесто, според неа, се обични шупи во кои кучињата гладуваат, немаат ветеринарски третман, се убиваат меѓусебно и за тие кучиња би било подобро да се успијат. Затоа тие создале сопствен азил за кучиња во Градишка.

„Градишка е мал град и добро е што властите работат само со нашето здружение. Никој од мене не добива пари на рака, туку јас ги плаќам сметките за храна, за ветеринар и тука никој не може да злоупотреби пари“, појаснува Далиборка.

Тажна приказна со среќен крај

За злоставувањето и негрижата кон животните во БиХ најдобар пример се кучињата кои Далиборка Чолиќ ги вдоми во својот дом. Кучката Меган пред три години е донесена од Сараево со скршен череп, поради што добила епилепсија и и’ откажало сетилото за вид. И црното куче Принц во ова семејство пристигнало болно. Најдено е на градска депонија во Градишка. Германските ветеринари извршиле комплицирана операција на неговото срце, која чинела 6.000 евра. Маза во германскиот дом стигнала од сараевските улици. Една година не можела воопшто да оди, поради последици од злоставување. И Сиси била болна и исцрпена. Член на ова кучешко семејство е и веројатно најстарото куче од БиХ во Германија – Циго. Тој има 14 календарски или 98 „кучешки“ години. Неговиот германски посвоител неодамна починал, па тој се вратил кај луѓето кои го спасиле.

SOS Vergessene Pfoten Tierschutz Hündin Megan Bosnien und Herzegowina
Слепата кучка МеганФотографија: DW/F. Sabanovic

Понекогаш љубовта на основачите на „СОС Заборавени шепи“ кон животните е и поголема од очекуваното. Така тие на своите миленичиња им купуваат скапоцени околувратници со Сваровски-кристали. Како што нагласуваат тие, на овој начин сакаат да им се заблагодарат на прекрасните суштества за љубовта која несебично им ја возвраќаат. Тие не можат да ги сфатат граѓаните во БиХ кои поради статус и престиж повеќе сакаат да шетаат на поводник расни кучиња, а не и мелези, на кои помошта и грижата денес им е потребна повеќе од кога било претходно.