1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сајбер-крадци ограбиле 45 милиони долари

ЕМФ/дв10 мај 2013

Во голем сајбер-напад, ограбени се 45 милиони долари (околу 34 милиони евра) од банки ширум светот. Погодени се 26 држави. Се‘ се се случило за само неколку часа. Меѓународната истрага се‘ уште трае.

https://p.dw.com/p/18V7J
Фотографија: picture-alliance/dpa

Уапсени се седуммина осомничени членови на њујоршка ќелија на интернационална сајбер-банда, соопшти американското обвинителство. Осмиот осомничен, лице за кое постои сомневање дека бил шеф на крадците, е убиен на крајот на април во Доминиканска Република.

Само во Њујорк крадците ограбиле 2,8 милиони долари, со подигање пари од стотици автомати за пари со манипулирани картички. Обвинителката Лорета Линч оцени дека станува збор за „голем грабеж во стилот на 21. век“, при кој наместо пиштоли и маски, се користат лаптопи и интернет. Притоа, крадците работеле со „хируршка прецизност“. Тие повеќе месеци пробивале податоци од припејд кредитни картички, какви што, на пример, употребуваат хуманитарни организации. Потоа го подигале лимитот за вадење кеш. Украдените податоци ги ставале на магнетни картички, со чија помош крадците, кои веќе ги имале украдено кодовите, за кусо време подигнале милиони долари. Американското правосудство соопшти дека крадците ограбувале два пати истовремено во повеќе земји - во декември 2012 година и во февруари годинава.

Истрага и во Германија

Погодени се Ракабанк од Обединетите Арапски Емирати, како и Банк оф Мускат во Оман. Веднаш по грабежот на парите, њујоршката ќелија преминувала на перење на парите. Според обвинението, крадците отвориле сметка во банка во Мајами и купиле луксузни автомобили, како и други луксузни производи од типот на Ролекс-часовници. Њујоршкото обвинителство им се заблагодари на истражните органи на повеќе земји за соработката, меѓу кои и на Германија. Кои други држави биле погодени од грабежот, засега не е соопштено. Меѓународната истрага се‘ уште трае.