1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саркози: Строс-Кан нека се објаснува на суд

Александар Методијев /афп/ројтерс29 април 2012

Францускиот претседател Никола Саркози го повика поранешниот шеф на ММФ Доминик Строс-Кан да покрене правна постапка за обвинувањата дека политички непријатели го спречиле да се кандидира за претседател.

https://p.dw.com/p/14mhU
Фотографија: dapd

Поранешниот шеф на ММФ, на кого се типуваше дека ќе победи на француските претседателски избори, вчера направи драматичен упад во изборната кампања обвинувајќи го Никола Саркози дека го оркестрирал неговиот пад. Строс-Кан, во првото поголемо интервју по минатогодишниот скандал, за британски „Гардијан“ изјави дека неговиот спектакуларен пад бил оркестриран од противниците кои го спречиле да стане претседателски кандидат од редовите на социјалистите. Тој минатата година беше уапсен и обвинет во Њујорк за сексуален напад врз собарката Нафисату Диало, но обвинувањата подоцна беа отфрлени.

Dominique Strauss-Kahn Frankreich TV
Строс-Кан за политичката елиминација ги обвинува соработниците на СаркозиФотографија: AP

„Веројатно бев политички наивен, но едноставно не верував дека тие ќе отидат толку далеку. Не верував дека ќе најдат нешто што би ме запрело“, изјави Строс-Кан во интервјуто за британскиот весник. Од „Гардијан“ појаснија дека „тие“ се однесува на луѓето кои работат за Саркози и неговата партија. Строс-Кан појаснува дека не верува оти приврзаниците на Саркози го организирале скандалот во њујоршкиот хотел, но оти е сигурен дека тие имале улога во осигурувањето дека собарката ќе отиде во полиција, што би предизвикало меѓународен скандал.

Адвокатот на собарката Диало ги отфрли обвинувањата како бесмислени, а слично реагираше и Саркози.

„Што е многу, многу е! Ќе му кажам на господинот Строс-Кан да се објасни со судските власти и да ја поштеди Франција од неговите забелешки“, рече Саркози додека ја спроведуваше својата кампања во централниот дел од Франција.

Frankreich / Sarkozy / Hollande Overlay-fähig
Строс-Кан е убеден дека, да не се случел скандалот, ќе бил на местото на Франсоа Оланд (десно) и ќе го победел Никола Саркози (лево)Фотографија: AP

Строс-Кан рече дека е сигурен оти сега би бил на местото на Франсоа Оланд, кој е фаворит за победа на претседателските избори, ако не се случил настанот во хотелот Софител. Но, тој одбил да зборува за „Гардијан“ и за секс скандалот што се случи во Франција.

Саркози врати, дека кога би помислил на сите „скандалозни и засрамувачки епизоди“ во САД и Франција, во кои Строс-Кан бил вклучен, е шокиран оти поранешниот шеф на ММФ сега се осмелува да зборува јавно.

„Господинот Строс-Кан почнува да дели лекции за морал и вели дека јас сум единствениот одговорен за она што му се случи. Добро, тоа е премногу“, рече Саркози.