Санторум најавува пресврт против Ромни
14 март 2012Мит Ромни, пак, однесе победа на предизборите во Американска Самоа и на Хаваи. Со таа победа Ромни доби девет нови делегати за партиската конвенција, на која на крајот од август ќе се избира републиканскиот претседателски кандидат. Со тоа Ромни е во водство пред останатите кандидати од неговата партија.
А, победите на Санторум во Алабама и Мисисипи само ги зајакнаа неговите тврдења дека меѓу конзервативците тој е главната алтернатива на водечкиот кандидат Мит Ромни за претседателска номинација. Победите на Рик Санторум во двете држави претставува удар в лице за Ромни, кој не успева до крај да ги убеди Американците дека тој е најсилниот кандидат против демократот Обама. Санторум по гласањето изјави дека ќе продолжи да се бори и оти неговата кампања е составена од „обични луѓе, кои прават необични работи“. „Време е конзервативците да се обединат“, рече Санторум.
И во Алабама и во Мисисипи Мит Ромни заврши на третото место зад Њут Гингрич. Вчера се гласаше и во Хаваи, но островот е оддалечен неколку часа од американското копно, па резултатите од таму стасаа подоцна и покажаа дека победата ја однел Мит Ромни. Победата на Хаваи има симболична и психолошка вредност за кандидатот.
Автор: Александар Методијев /БГ/афп/ап
Редактор: Симе Недевски