1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санацијата на пензискиот фонд во Германија на товар на пензионерите

20 октомври 2003
https://p.dw.com/p/AeSq

Десетте милијарди евра, колку што недостасуваат во моментов во пензискиот фонд во Германија, ќе бидат покриени со нови оптоварувања на пензионерите, но нема да биде зголемена стапката на пензиски придонес. Ова е суштината на мерките договорени вчера во владата. Канцеларот Герхард Шредер честопати повторувше дека пензијата заслужена по работниот век е последното во што би сакал да крати. Сега очигледно владата веќе нема никаков џокер во ракавот со кој би го покрила дефицитот од 10 милијарди евра што се заканува во пензисикиот фонд. "Во 2004-та година ќе нема зголемување на пензиите и никому не му е повеќе жал поради тоа отколку мене", соопшти канцеларот по петчасовната седница. Пензиите ќе бидат намалени индиректно за 0,85 проценти и со тоа што речиси 20-те милиони пензионери во иднина ќе мораат сами целосно да го плаќаат придонесот за дополнителното осигурување за старосна нега, наместо половината како што беше досега. Една милијарда заштеди ќе донесе и тоа што исплатување на пензиите за новите пензионери ќе биде на крајот, а не на почетокот на месецот како што досега се практикуваше. Задолжителната резерва на пензискиот фонд ќе биде намалена на 20 проценти од месечната сума на сите пензии. Сиве мерки треба да придонесат да не биде зголемен пензискиот придонес кој изнесува 19,5 проценти од бруто-платата. "Признаваме дека задачата е тешка со оглед на ситуацијата со конјунктурата, но со целосна решителност се стремиме кон неа од пазарно-политички причини и поради неопходноста да ги задржиме под контрола, па дури и да ги намалиме придонесите на платите", објасни канцеларот Шредер.

Од нови оптоварувања, значи, се поштедени сегашните вработени, но и работодавците, кои во Германија ја плаќаат половината од социјалните придонеси на вработените. Стабилноста на стапката на придонеси на канцеларот повторно ќе му донесе проблеми со левото крило во сопствената Социјалдемократска партија, но тој има полна поддршка од коалициониот партнер Зелените: "Јас досега бев молчелив бидејќи канцеларот како шеф на владата го пренесе заеднички договореното, што ние без задршка го поддржуваме", рече на заедничката прес- конференција министерот за надворешни работи Јошка Фишер од редовите на Зелените.

Со усвоената програма се покриваат осум милијарди што недостасуваат од придонесите поради лошата конјунктурна ситуација. Преостанатите две милијарди евра ќе бидат надоместени со заштеда во буџетите на сите други министерства во сојузната влада. Владата во иднина сака да го запре и предвременото заминување во пензија. Шефот на опозицијата Ангела Меркел веднаш се јави со критика: "Ние не можеме и нема да подадеме рака за овие мерки зашто сојузната влада е самата во целост одговорна за она што ќе ги снајде пензионерите во наредната година", рече таа, но вети и дека ќе биде испитана можноста за соработка кај долгорочните реформски чекори во оваа сфера.