Санадер се изјасни за невин на почетокот на процесот
16 април 2012Санадер и неговата некогашна партија се обвинети за нелегално извлекување на околу 10 милиони евра од државни компании и институции преку приватната маркетинг компанија Фими медија.
„Обвинението е конструирано и не се сметам за виновен за ниту една од точките на обвинението“, изјави Санадер.
Неколкумина од обвинетите веќе ја признаа вината во замена за договор со обвинителството. Меѓу нив се поранешниот партиски секретар во ХДЗ Младен Баришиќ и благајничката Бранка Павошевиќ. Обвинението го отфрли и поранешниот партиски и владин портпарол Ратко Мачек.
Почетокот на судењето беше пренесуван во живо на неколку хрватски телевизии. Се работи за еден од најголемите судски процеси во историјата на Хрватска, а обвинителниот акт е напишан на 500 страници. Одбраната предложи 200 сведоци, а обвинителството околу 350. Се очекува во текот на судењето да биде испитана и поранешната премиерка Јадранка Косор, но и бројни други хрватски политичари, бизнисмени и припадници на естрадата.