1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само со пари не можат да се спасат ни шума, ниту море

Хеле Јепесен30 мај 2008

Наместо да се спречи алчноста по профити, порадо би ја оградиле природата. Ветените пари за повеќе заштитени зони - пораз за земјите-потписнички на Конвенцијата на ОН за заштита на видовите. Коментар на Хеле Јепесен.

https://p.dw.com/p/E9nN
Од Конференцијата на ОН за зачувување на разновидноста на живиот светФотографија: AP

На конференцијата на ОН за зачувување на разновидноста на живиот свет, во Бон, повеќе земји најавија издвојување повеќе пари за востановување меѓународни заштитени зони како национални паркови. Веќе стигнавме дотаму: жалните остатоци од природата, што се’ уште не сме ги уништиле, со години се толку загрозени, што мораме да ги ставиме под заштита.

Секако е за поздравување што канцеларот Ангела Меркел на конференцијата вети дека Германија ќе издвојува 500 милиони евра годишно за зачувување и ширење на заштитените природни резервати, но тој факт не менува ништо во тоа дека ние луѓето во последните децении толку многу работи на планетава расипавме, што заштитени зони воопшто не се ни нужни.


Мориња без риби, риби од вештачки фарми


Рибниот фонд во морињата е испразнет од алчните меѓународни рибарски флоти. Каде порано претежно домашни рибари со мали бротчиња остваруваа пристојни приходи и придонесуваа за исхрана на населението, денес се индустриски флоти од богатите земји, кои безобѕирно собираат се’ што може да се собере од морето. И сега, кога веќе не можат да се најдат многу видови од живиот свет во морето, и кога локалните рибари веќе не можат да ги прехранат сопствените семејства, се применуваат тони вештачко ѓубре и храна во вештачки рибни фарми, за да може да се задоволи побарувачката на оние, кои уште можат да си дозволат да се хранат со риба. Тука малку помагаат и 500 милиони за да се поправи состојбата.


Наместо шуми - ниви за растенија за био-гориво


Иста е сликата и кај прашумите, кои се втори, по океаните, според апсорбирањето на јаглен-диоксид, кого, патем, ние го испуштаме во атмосферата со индустријата, автомобилите и со спалувањето на шуми. Тука малку помага што Бразил на конференцијата на големо најави дека до 2012-та година ќе стави под заштита дополнителни 600 илјади квадратни километри амазонска прашума. Посебно ако се знае дека дотолку понепречено продолжува уништувањето на шуми во други делови на Бразил, за да се добие земјиште - покрај другото, и за добивање аграрно гориво, кое погрешно се именува како био-гориво.


Природата зад ограда или одговорните за нејзино уништување зад решетки?


Индустриските бараат од земјите во развој и во подем да ги зачуваат „зелените дробови“. Во Европа и Америка одвај да можат да се најдат природни шуми, тие одамна станаа жртви на алчноста. Тука малку помагаат 500 милиони долари, наменети од Норвешка - штетите што ги нанесуваме ние се далеку поголеми и само со пари не можат да се спасат ни шума, ниту море.

Значи, ќе ги затвориме во огради како заштитена зона. Со тоа е решено и прашањето дали не им е место зад огради и решетки на виновните за ваквите состојби. Поставката е сосем погрешна: наместо да ја спречиме алчноста по профити, ние порадо би ја оградиле природата.

►◄