1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самоубиецот во Србија се срами да побара помош

Динко Грухоњиќ / Александар Методијев11 април 2012

Тешко е да се поврзат зачестените самоубиства во Србија со општествената криза. Кон самоубиства прибегнуваат луѓе кои страдаат од депресија, а не се осудуваат да побараат помош, поради страв дека ќе бидат „обележани“.

https://p.dw.com/p/14aNN
Фотографија: Fotolia/Kwest

Фактот дека во Белград во последните денови се забележани неколку самоубиства само по себе не може да се нарече серија на суицидни испади, ниту може да се поврзе со продлабочената општествена криза, согласни се во оценката експертите од таа област.

Страв од „обележаност“

Психоаналитичарката Лилјана Миливојевиќ вели дека е тешко самоубиствата да се поврзуваат со општествената криза, бидејќи во Србија имало и поголеми кризи, но немало толку самоубиства. Според нејзините зборови, проблемот лежи во фактот што депресивните луѓе често не сакаат да побараат стручна помош, бидејќи се плашат дека ќе бидат „обележани“ во средината во која живеат и работат.

„Има многу повеќе самоубиства меѓу младите луѓе кои, да речеме, имаат депресија. Докажано е дека луѓето кои боледуваат од депресија имаат процентуално поголеми шанси да извршат самоубиство, отколку луѓето кои ја немаат. Постои одбивност кон луѓето кои на кој било начин имаат некои психички проблеми и кои се ’обележани’ во својата средина. Потоа, тие не се јавуваат на психијатрија, за да не бидат обележани, па кај нив почесто се јавуваат суицидни размислувања, како и самиот чин на самоубиство“, објаснува за Дојче веле Лилјана Миливојевиќ.

Symbolbild Depression und Suizid
Зголемен број самоубиства кај младите СрбиФотографија: picture alliance/Dries Luyten

Медиумите можат и да помогнат

Милена Јерков, волонтерка во Центарот за давање емотивна поддршка и превенција од самоубиства „Срце“ од Нови Сад, вели дека медиумите често на многу несоодветен начин пишуваат за самоубиствата.

„Колку повеќе се пишува на неадекватен начин за самоубиствата, за жал има толку повеќе самоубиства. Значајна е мерката, значајно е да се почитуваат правилата и значајно е во таквите написи, во секој случај, да се појават упатства што да се прави, ако некој близок размислува за самоубиство или, пак, ако кој било помислува на самоубиство“, вели Јерков и додава: „Треба што помалку да се пишува за начинот, за деталите, што помалку да се нагаѓа за причините, бидејќи самоубиството е комплексен и индивидуален чин и човек на него се одлучува поради генерално лошото чувство, а ретко кога поради едно случување“, предупредува Милена Јерков.

Војводина држи неславен рекорд

Сепак, останува фактот дека стапката на самоубиствата во Војводина е повисока од европскиот просек. Тоа Лилјана Миливојевиќ го објаснува на следниов начин.

„Во регионите во кои постојат заедници, кои се многу цврсто поврзани меѓу себе и можеби малку изолирани од останатите, со можеби помала желба за мешање со оние другите, доаѓа до такви појави многу повеќе, отколку во некои други делови“, вели Миливојевиќ.

Милена Јерков наведува дека Центарот „Срце“ минатата година примил двапати повеќе повици отколку во 2010-та година. Но, според нејзините зборови, тоа не мора да значи дека на луѓето им е се’ полошо, туку дека помошта им е подостапна.