1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самообука на административците во Македонија

Свето Тоевски14 јануари 2013

Во последниве две години во Македонија „фрчат“ на сите страни обуки за државната и јавната администрација. Сега дојде редот и на најновиот модел за обука: „системот за микроучење“.

https://p.dw.com/p/17JRM
Фотографија: Fotolia/Viktoriya Shvydkova

Министерството за информатичко општество и администрација организира целогодишна „генеричка обука“, почетни обуки, обуки на државните службеници за подготовка на закони и прописи, за прописите во ЕУ ... Воведена е и задолжителна електронска обука преку интернет за вработените во администрацијата со времетраење од 30 часови годишно.

Што се предвидува со „микроучењето?

Портпаролот на тоа министерство Мишко Талески истакнува: „Микроучењето овозможува континуирано учење на најважните содржини од одредена област, со цел да се одржуваат знаењата и вештините на државните службеници, стекнати преку генеричките обуки. Овој вид на учење е овозможен од развиено софтверско решение ’Knowledge Pulse', кое на индивидуалниот персонален компјутер на службеникот, или на неговиот ’умен’ телефон, му овозможува да следи курсеви и да учи по пат на одговарање на прашања, додека се наоѓа на работното место.“ „Службениците ќе добијат можност постојано да учат за новините во областа на своето работење и да ги подобруваат знаењата во текот на работното време кога ќе немаат работни обврски. Во секој момент менаџерите во институциите ќе имаат статистика кој сака, а кој не сака да учи. Раководителите ќе имаат постојан преглед за способностите и недостатоците на своите кадри, но и за нивните желби за прифаќање или одбивање на можностите за учење. Врз основа на тоа ќе ги наградуваат, ќе ги прераспоредуваат на други работни места, или ќе ги заменуваат со други вработени. Стремежот е Македонија да стане регионален центар за микроучење“ – изјави порано ресорниот министер Иво Ивановски.

Mazedonien Minister für Informatik Ivo Ivanovski
Министерот за информатичко општество Иво ИвановскиФотографија: DW/S.Toevski

Од септември до октомври 2012 година само вработените во Министерството за информатичко општество и администрација имаа можност да се обучуваат со помош на споменатата програма, како дел од пилот - фазата на проектот за микроучење. Во ноември и декември лани вработени во 22 различни институции, како учесници на обуката за „Антикорупциски мерки и етика во државната служба“, следеа дополнителен курс со помош на системот за „микроучење“, со цел „полесно да ги задржат здобиените знаења и вештини.“ Во 2013 година ќе има нови обуки во врска со специјализирани теми: системот на ’микроучењето’ ќе се проширува на сите државни институции, „заради унапредување на квалификациите на администрацијата согласно со европските стандарди“.

„Потребна е и Академија за обука на администрацијата“

Како го коментираат експертите „микроучењето“ на административците?

Борче Давитковски, професор по административно право и јавна администрација од Државниот универзитет во Скопје, вели: „Добро е тоа што ова министерство почна да се грижи за обуките на државните и јавните службеници, но, почнуваме обратно: наместо од темелот, одиме од оџакот. Овој начин на самообучување може да дојде до израз по некоја година. Немаме основна обука, ниту услови, да не речам и дека има државни службеници, кои што воопшто не виделе компјутер, па сега ќе го терате да почне ’онлајн’ да се самообучува, тоа треба да се оди постапно. Прво треба да се основа Академија за обука на јавните и државните службеници. Кога можеме за 500 судии да имаме посебен закон и Академија за обука на судии и обвинители, тогаш за 130 илјади административци сличната академија е насушна потреба. Ваквото ’микроучење’ како „алатка’ за надополнување на класичната обука е одлична идеја, но се користи во погрешно време. Ќе бидат потребни основна проверка и основна обука, која е многу важна, па потоа да се оди на такво ’микроучење“, ама во некое друго време, што ќе треба потоа да уследи во развојот на јавниот сектор. Овој систем ќе треба да се надогради, имајќи ги предвид базичните курикулуми што ќе се направат за обука на јавните и државните службеници. Развиените земји веќе го применуваат тоа самообучување.“

Symbolbild Akten Dokumente Bürokratie
Фотографија: picture-alliance/dpa

Може ли оваа обука да биде реално ефективна во надминувањето на согледаните недостатоци во функционирањето на администрацијата?

Јонуз Абдулаи, професор за јавна администрација и политички науки од Штуловиот универзитет во Тетово одговара: „Секоја обука е корисна, па и од овој систем на ’микроучење“ има придобивки. Но, треба да се направат проценка и анализа на програмата за обука, интервјуа и анкети со вработените, кои се самообучуваат на таков начин, со цел да се согледа во што ги отстраниле своите недостатоци во поглед на своите стручни подготовки. Нашите професори можат да се вклучат во експертска комисија, која би изготвила анализа на ефектите: дали и колку се подобрува работењето на службениците? „Јавна тајна“ е оти формалното образование на администрацијата има недостатоци. Неформалното образование преку вакви модели на самообучување е неопходно, за да се намалуваат сите недостатоци, а службениците да бидат колку е можно поефективни.“

Праксата допрва треба да одговори на прашањето: дали навистина администрацијата во оваа земја ќе стане постручна, попрофесионална и поагилна во работењето, по обуките преку мобилни телефони, или преку интернет на своите компјутери? Или, ќе требаат и редица други нешта?