1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на добри намери

Нада Штајнман4 мај 2008

Во Охрид заврши средбата на претседателите на државите од Централна Европа, на која земјите од Балкан беа охрабрени на патот кон ЕУ и подобра иднина

https://p.dw.com/p/DtGM
Сите сакаат фер и чесни решенијаФотографија: AP

На самитот на претседателите на членките на Форумот на централноевропските земји постојано се потенцираше дека ваквите средби се од посебно значење. И навистина, во опуштена атмосфера, овојпат и времето беше прекрасно во Охрид, кој личеше на мирна и достоинствена убавица, се раговара полесно и поедноставно.

Стари наслаги и оптоварувања

Но сепак, ништо не можеше да се скрие. Старите историски наслаги и оптоварувања испливуваа на површина. Се почувствуваа конфликтите и тоа не само меѓу земјите од Западен Балкан, туку и општо во Европа, но и меѓу христијанството и исламот.

Неевропска логика, беше коментарот на претседателот домаќин, Бранко Црвенковски. Тој самиот сака да верува и да ги убеди другите дека земјите од Западен Балкан не си ги завршиле домашните задачи, но сепак, кога се работи за зачленување на Македонија во НАТО и случувањата во Букурешт, нема образложение за тоа во какви европски вредности и стандарди може уште да се верува.

И претседавачот на претседателството на БиХ Харис Силајџиќ не можеше да го скрие своето разочарување и отворено да праша зошто Србија, а не неговата земја доби Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Тој постави уште едно прашање: дали тоа можеби се должи на фактот што во неговата земја живеат муслимани.

Косово е прашање за ОН

Претседателот на Србија, Борис Тадиќ, ги знае предностите на неодамна потпишаната Спогодба меѓу Србија и ЕУ, но сепак постојано говори дека со прогласувањето независност на Косово се направи преседан и за Косово тој бара да решаваат ОН.

Но ако се погледне колку долго оваа светска институција се бави со спорот со името меѓу Македонија и Грција, тогаш можеме ли во скорешна иднина да очекуваме разрешување и за горливото прашање Косово?

Заложби за напредок

Сите посакуваат фер и чесни решенија, но ретко кој сака или може да излезе од сопствените ограничувања и предрасуди, зашто сеништата од минатото постојано се присутни.

И Украина и Турција побараа во Охрид и за нив да се разговара, зашто и тие сакаат да бидат дел од ЕУ.

Германскиот претседател Хорст Келер дојде со чесни намери на самитот и сакаше да даде знак дека вратата од ЕУ мора да остане отворена за земјите од ЈИ Европа. Но, ниту тој немаше патент рецепти како да се направи тоа.

Словенечкиот претседател беше најангажиран за Западен Балкан и побара овој простор да не остане „црна дупка“ на европската карта. Многу добри намери беа искажани на самитот на претседателите на ЦЕИ. Се‘ беше многу добро организирано, а претседателите се дружеа не само на официјални средби, туку и на прошетки, забави и ручеци.

На ваквите неформални средби најчесто не се донесуваат епохални одлуки, но веројатно се стекнуваат сознанија и се добиваат нови идеи кои можеби еден ден ќе отвораат нови врати кон поубава, заедничка иднина.