1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот на ЕУ овојпат помалку драматичен?

1 март 2012

Шефовите на држави или влади на ЕУ денеска и утре во Брисел разговараат за поттик на економскиот пораст. На самитот, по притисокот од Германија, нема да стане збор за проширување на Фондот за спас на еврото, ЕФСФ.

https://p.dw.com/p/14CGt
Фотографија: dapd

Драматични апели на претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо, упатени до шефовите на држави и влади, се дел од предиграта на секој самит на ЕУ откако почна кризата со еврото. Овојпат е поинаку. Барозо се обиде пред новинарите во Брисел да шири оптимизам.

„Не сакаме да бидеме самобендисани, но мислам дека полека можеме да бидеме уверени дека ги имаме основите за враќање на порастот во Грција. Што се однесува до Европа целосно, конјуктурната прогноза вели дека годинава ќе има мала рецесија, но прогнозата укажува и на враќање на порастотот во втората половина од годината. Оттука, овој самит би требало да е помалку драматичен од претходните. Ќе се согласите дека малку помалку драма нема да штети никому“.

EU Gipfel Europäische Kommission Barroso Ministerrat
Барозо настапува самоувереноФотографија: Reuters

Преголем оптимизам?

Вчудовидувачка порака. Овојпат навистина не треба да се носат големи одлуки, а и фискалниот пакет на ЕУ напредува прилично брзо, зашто поголемиот дел шефови на држави или влади сакаат да стават потпис на самитот, но ирската влада најави дека сака да биде одржан референдум околу пактот, што предизвикува нова несигурност. Особено кај темата Грција голем дел од владите не гледаат причина за гаснење на алармот. Мерките на штедење и реформите одвај мрдаат напред, економските податоци и натаму се влошуваат, многу Грци протестираат против политиката на штедење. Тоа на земјите донатори на пари им го засилува сомнежот во смислата на помошта.

Само од штедење нема полза

И на овој самит волшебните зборови гласат - пораст и вработување. Само од штедење нема полза, во тоа се согласни сите. Преку образование и наука, но и со инвестирање во еколошки чисти енергии и брзи интернет врски, Европа треба да излезе од криза. Она што е табу се обемни конјуктурни пакети, а Европската комисија веќе ќе нема милост ниту кон буџетските грешници. Таа, од друга страна, ја притиска Германија во насока на проширување на трајниот Фонд за спас на еврото - ЕФСФ. Индиректната, но јасна порака на еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен пред неколку дена гласеше:

Bundeskanzlerin Angela Merkel auf dem EU-Gipfel am 30.01.2012
Ангела Меркел е против проширување на ЕФСФФотографија: Reuters

„Ние во Комисијата гледаме јасна неопходност за зајакнување на финансиските одбранбени ѕидови во еврозоната, за да бидеме целосно вооружени за надминување на актуелната криза и за враќање на патот на опоравување“.

Поради тоа што германската влада и натаму стриктно се спротивставува на ваквите барања, претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој го откажа планираниот самит на 17-те земји на еврозоната, кој требаше да се одржи веднаш по самитот на давесетиседумтемина. На тој самит единствена точна на дневен ред требаше да биде проширувањето на ЕФСФ.

Автор: Кристоф Хаселбах / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска