1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот на Г8 во сенка на војната во Сирија

АТ/ дпа/ афп/ ртр17 јуни 2013

Денеска (17.06) во Северна Ирска започнува самитот на шефовите на држави или влади на седумте индустриски земји и Русија (Г8). Главна тема се очекува да биде војната во Сирија.

https://p.dw.com/p/18qwS
Фотографија: Reuters

На дводневниот самит на Г8 во хотел во северноирскиот Енискилен (на насловната фотографија) се очекува жестоко да се дебатира за граѓанската војна во Сирија. Имено, САД планираат испорака на оружје за бунтовниците, додека Русија од своја страна ја потврди поддршката за властодржецот Башар ел Асад.

По средбата со домаќинот на средбата, британскиот премиер Дејвид Камерон во Лондон, рускиот претседател Владимир Путин предупреди од испорка на оружје за бунтовниците во Сирија и истовремено го бранеше тоа што неговата земја му продава оружје на режимот во Дамаск.

„Ние испорачуваме оружје на легитимната влада на Сирија и со тоа не прекршуваме закон“, изјави шефот на Кремљ. Русија е еден од последните сојузници на Асад и ја штити Сирија од осуда во Советот за безбедност на ОН. Британскиот премиер Дејвид Камерон истакна дека со Москва постоеле „многу големи разлики“, при анализа на состојбата во Сирија. Меѓутоа постоела и заедничката цел, Сирија да се одржи како држава и да заврши конфликтот.

Рускиот претседател Путин денеска треба да се сретне и со претседателот на САД, Барак Обама.

Од почетокот на бунтот против режимот на Асад во март 2011 година според Обединетите нации убиени се повеќе од 93.000 луѓе.

Покрај големата тема Сирија, германската канцеларка Ангела Меркел и останатите шефови на држави или влади во Енискилен ќе го разгледаат и развојот во Иран, каде изминатиот петок беше избран нов претседател, кој се смета за умерен во ставовите. Западот имено се надева на приближување на ставовите околу спорот за иранската атомска програма. На дневен ред на Г8 стојат и економски теми. На маргините на самитот се очекува САД и ЕУ да дадат зелено светло за почеток на преговорите за трансатлантскиот договор за слободна трговија.