1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самарас оптимист за напредокот на Грција

Панајотис Купаранис/Борис Георгиевски9 јануари 2013

За време на посетата на Берлин, грчкиот премиер апелираше до германските бизнисмени за повеќе инвестиции, и до Ангела Меркел за поголема солидарност. Дали ќе ги добие, останува да се види.

https://p.dw.com/p/17GIV
Фотографија: Getty Images

До пред само една година, грчкиот премиер Андонис Самарас се сметаше за „персона нон грата“ во Берлин. Неговото отфрлање на програмата за реформи во периодот додека беше лидер на опозицијата го изолираше во Европа. Но откако стана премиер минатото лето, нештата се променија. Волјата на Самарас да ги прифати барањата на меѓународните доверители и одлучноста да ги протурка истите низ парламентот му донесоа признанија во странство.

Оттука не е случајност што Самарас и Меркел се сретнаа три пати во последните шест месеци. При последната посета на Атина, Меркел заклучи дека Грција напредува во спроведувањето на реформите, а со слична оценка се јавија и меѓународните кредитори.

Уште многу работа

Но, Грција треба да стори уште многу. Голем број реформи допрва треба да се донесат и имплементираат. За ова не беше јавно дискутирано во Берлин, особено затоа што грчкиот премиер и германската канцеларка одбија да одговараат на прашања на новинарите по заедничката средба, туку пред неа. Набљудувачите се сомневаат дека е тоа сигнал оти односите не се толку хармонични колку што се претставуваат.

Geld Euro Münzen
Фотографија: Fotolia/fox17

Изјавата на Меркел можеби и ја потврдува оваа теза. По претходните средби со Самарас таа изјавуваше дека е задоволна од напредокот на реформите во Грција, но овојпат таа рече дека е „заинтересирана да слушне како напредуваат реформите во земјата“. Потоа додаде и дека на разговорите со Самарас таа ќе го информира за економскиот развој во Германија, бидејќи и Германија мора да го обезбеди својот економски раст и отворањето работни места. Со други зборови, пораката беше: секој да си го среди сопствениот двор.

Висок извор во грчката делегација демантира дека на средбата имало недоразбирања, но потврдува дека Меркел го отворила прашањето за собирањето на даноците во Грција. Од другата страна биле дадени гаранции дека тој проблем ќе биде решен. Притоа било напоменато дека Грција има обврска да го испорача договореното, затоа што претстојат уште три рати од заемот и пред секоја од нив Грција мора да потврди дека ги исполнила предвидените услови.

Бизмисмените задоволни од Самарас

Вистинската причина за посетата на Самарас на Берлин всушност беше годишниот економски форум кој го организира конзервативниот весник „Ди Велт“. Самарас ја искористи можноста да апелира за повеќе инвестиции во неговата земја, потенцирајќи дека земјата е сега стабилизирана, а опасноста од враќање на драхмата е минато.

Поддршка на Самарас му даде претседателот на Европската централна банка, Марио Драги кој рече дека очекува во 2013. година земјата економски да закрепне. И водечките германски бизнисмени го пофалија грчкиот премиер, односно така тврди „Ди Велт“ во своето интернет издание во текстот под наслов „Бизнис заедницата и политичарите го слават Самарас“.

Deutschland EZB Präsident Mario Draghi Pressekonferenz in Frankfurt
Фотографија: Reuters

Грчката делегација беше поумерена во оценките и говореше само за „добра клима“. Но таквата клима е основен предуслов за странски инвестиции. Без инвестиции нема ниту раст, ниту работни места. А тоа е клучниот критериум по кој ќе се оценува дали реформите во Грција биле успешни или не.