Самарас и‘ вети на Меркел натамошни реформи
22 ноември 2013Кусата прес-конференција на германската канцеларка Ангела Меркел и грчкиот премиер Андонис Самарас беше посветена исклучиво на економски прашања и проблемот со кризата во Грција. На обидот на Дојче веле да добие одговор дали двајцата шефови на влади разговарале и за спорот околу името, портпарол на германската Влада по прес-конференцијата само рече дека разговорите што ги воделе Меркел и Самарас се од доверлив карактер.
Инаку, што се однесува до совладувањето на грчката криза, пред новинарите во Берлин германската канцеларка констатираше дека Грција направила „значителни чекори“ и дека сега е време за „малку доверба“.
Меркел особено ја пофали Грција поради тоа што првпат е забележан т.н. примарен суфицит, односно земјата повеќе зела, отколку што дала пари. „Има светло на крајот на тунелот“, убедена е Меркел, која нагласи и дека се неопходни натамошни реформи.
Грчкиот премиер Андонис Самарас во Берлин денеска (22.11.) убедуваше дека неговата земја ќе продолжи на реформскиот курс: „Подготвени сме да прикажеме резултати. Нема да престанеме“. Самарас искажа увереност дека на Грција нема да и‘ биде неопходен трет пакет мерки за спас и дека земјата со помош на подобрената конјунктура ќе успее да се извлече од должничката криза.