050611 Jemen Lage
5 јуни 2011Како борбата за власт да е веќе завршена, илјадници демонстранти во центарот на јеменскиот главен град го слават отсуството на претседателот Салех. Тие веќе со месеци протестираат против неговото тридецениско деспотско владеење.
„Среќни сме што успеавме да го урнеме режимот со мирните демонстрации. За нас денешниот ден е вистински повод за славење“, вели еден од демонстрантите. Друг, пак, додава:
„Ќе ја продолжиме борбата. Денеска го постигнавме првиот успех, но тука не е крајот на нашата револуција. Ќе продолжиме, се` додека не се исполнат сите наши барања и додека не се убедиме дека се родил нов Јемен.“
Повредите посериозни отколку што се сметаше
Али Абдула Салех беше повреден во петокот во ракетен напад врз претседателската резиденција. Иако на почетокот се говореше за „полесни повреди“, станува очигледно дека 69-годишниот диктатор посериозно настрадал. Наводно шрапнели од бомба се` уште не се извадени од неговиот граден кош, што претставува директна закана за работата на срцето. Затоа Салех мораше да биде пренесен во болница во Саудиска Арабија. Неговите должности ги презема заменик-претседателот Мансур-Хади, но во реалноста конците, всушност, ги влече саудиската кралска фамилија.
Саудиска Арабија се обидува со сите сили да спречи натамошна ескалација на конфликтот во Јемен. Дури се обиде и да посредува меѓу претседателот и опозицијата, но без успех.
Автор: Флоријан Екарт/Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска