1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сакаат ли Бугарите атомска енергија?

Александар Андреев/ Жана Ацеска27 јануари 2013

Околу 6,5 милиони гласачи во Бугарија денеска на референдум ја одлучуваат иднината на нуклеарките во земјата. Но, прашањето е нејасно срочено и ја отсликува борбата за власт меѓу двете најсилни партии во земјата.

https://p.dw.com/p/17SFz
Фотографија: DW

Дали резултатот од првиот референдум кој се одржува во Бугарија по падот на социјалистичкиот режим воопшто ќе биде важечки, уште е нејасно. Бугарскиот закон пропишува дека на референдумот не смее да учествува помал број граѓани отколку на последните парламентарни избори, а тоа во овој случај значи нужно излегување на барем 60 проценти од граѓаните со право на глас.

Актуелните испитувања на јавното мислење покажуваат поддршка за натамошната изградба на нуклеарки, но и дека на референдумот планира да излезе помал дел од потребниот од граѓаните. Ако тоа се случи, референдумот би пропаднал.

Прашањето за кое Бугарите се изјаснуваат гласи: „Треба ли атомската енергија во Бугарија и натаму да се развива со изградба на нова нуклеарка?“ На референдумот му претходеше повеќегодишна расправа за иднината на нукеарната енергија во земјата. Пред пристапувањето во ЕУ во 2007 година, Бугарија под притисок на Брисел одлучи да затвори четири од вкупно шест блокови во атомската централа Козлодуј на Дунав. Тие четири блока од советски тип се сметаа за застарени.

Demonstration Referendum Atomenergie in Bulgarien
Демонстрации за референдум за атомската енергија во Бугарија, архиваФотографија: DW

Расфрлање со државни пари?

Во 2008 година тогашната влада, на чие чело беа социјалистите, склучи договор со рускиот државен концерн Атомстројекспорт за изградба на нова нуклеарка и тоа во Белене, на брегот на Дунав. Во почетокот во овој проект учествуваше и германскиот енергетски концерн РВЕ, но тој се повлече откако предвидените трошоци пораснаа на 11 милијарди евра.

Сегашната конзервативна влада во Софија потоа го замрзна овој прокет, по што следеше тужба од Атомстројпроект пред Меѓународниот стопански суд за отштета од една милијарда евра. Социјалистите, кои и го покренаа проектот Белене, не се сложија со одлуката на конзервативната влада и иницираа собирање потписи зараспишување референдум, кои и ги собраа - 500 илјади, колку што беа потребни.

Ваков референдум често претставува расфрлање со државни пари, смета Марко Арнд, претставник на германската фондација Конрад Аденауер во Софија. Имено, прашањето кое првично требаше да се однесува само на нуклеарката во Белене, од партиско-тактички причини е преформулирано и многумина во Бугарија не знаат за што се определуваат со своето „да“ или „не“.

„Одговорните одлуки мора да ги донесува парламентот. Јас не верувам дека решение запрашањето кое е компликувано и за стручњаците, може да се реши со референдум“, вели Арнд.

Но, владејачката коалиција тоа го гледа поинаку. Премиерот Бојко Борисов, кој во меѓувреме и самиот се изјанси за доградба на старата електрана во Козлодуј, позитивниот одговор на прашањето кое начелно се однесува на иднината на атомската енергија во Бугарија, може да го толкува и како поддршка на својата политика. А, ако гласачите решат „против“, Борисов и тоа би можел да го толкува како победа, бидејќи и тој е против нуклеарката во Белене.

Bojko Metodiew Borissow
Бојко Борисов сака „вода на својата воденица“Фотографија: AP

Политички судир на две партии

Многу експерти се убедени - Борисов веќе планира со еден американски инвеститор вложувања во електраната во Козлодуј. Тоа, пак, отвора ново стратешко прашање: дали на полето на енергетиката Бугарија сака продолжување на тесната соработка и зависност од Русија и руската технологија или сака повеќе да се врзе со Запад и со САД ?

Ни таа дилема меѓутоа не го оправдува референдумот, смета политикологот Парван Симеонов:

„Клучен бугарски проблем на подрачјето на енрегетиката, а тоа е зависноста на бугарското стопанство од Русија, не може да се реши со референдум“.

Конзервативните политичари, еднакво како и социјалистите, се надеваат дека поголем дел од гласачите ќе биде „за“ атомската енергија. Причината е пред се‘ цената: таа струја за крајниот потроѓувач е поевтина од струјата од други извори, што е веќе важен аргумент во една од најсиромашните членки на ЕУ. Против изградбата на нуклеарка на подрачјето кое се смета за трустно се само активистите за заштита на природната средина и две помали партии на десниот центар. Затоа, клучен денеска ќе биде одзивот на референдумот, а тој би можел да биде релативно мал. Просечниот граѓанин, имено, „веќе одамна сфати дека се работи само за одмерување на силите на политичките партии на левицата и десницата“, смета политикологот Огњан Минчев.