САД ќе ги користат социјалните мрежи против Ал Каеда
24 јануари 2013Клинтон рече дека американскиот Стејт департментот „отворил две организации за справување во борбата против насилниот екстремизам“ на интернет и оти ќе користи алатки како Твитер во борбата против онлајн антиамериканизмот. Клинтон во говорот во американскиот Конгрес рече дека „ова е почеток на обидот за одговор на Ал Каеда и другата џихадистичка пропаганда“.
„Ако стават видео кое зборува колку се ужасни Американците, тогаш ние ќе закачиме видео кое зборува за тоа колку ужасни се тие“, рече Клинтон. „Сакаме да ги пресретнеме на медиумските канали на кои тие комуницираат со луѓето“.
Таа се осврна на времето на Студената војна, велејќи дека медиумската тактика од тоа време вродила со плод и дека во 2013-та година САД ќе бидат исправени пред сличен предизвик со модернизирана стратегија.
Нејзиниот говор дојде пред потврдата на мандатот на нејзиниот наследник Џон Кери, која треба денеска да ја направи американскиот Сенат. Во говорот таа зборуваше и за случувањата во Бенгази. Притоа таа повторно ја презеде одговорноста за убиството на амбасадорот Кристофер Стивенс и двајца обезбедувачи, нагласувајќи дека одговорноста не може да се префрли на нејзиниот наследник.
Сепак, и покрај преземањето на одговорноста, Клинтон потенцираше дека лично не решавала за барањата да се засили безбедноста во конзулатот кој беше освоен од страна на неколку стотици добро вооружени либиски исламисти.