1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Финансиската катастрофа сѐ поблиску

ЖА/дв/дпа/ртре/афп8 октомври 2013

Светот со исчекување гледа кон Вашингтон каде политичките партии спорат околу буџетот и лимитот на задолжувања. САД веќе идната недела може да станат платежно неспособни, со катастрофални последици.

https://p.dw.com/p/19vvv
Фотографија: picture-alliance/AP

Сѐ поголем е стравот дека најголемата светска економија нема да може да ги сервисира своите долгови. Владата на претседателот Барак Обама и водечки Републиканци истакнуваат дека не размислуваат да ги сменат своите позиции.

Американскиот претседател Барак Обама при посета на Сојузната агенција за вонредни ситуации, ФЕМА, вчера (07.10.2013) укажа на сериозноста на прекинот на услугите на државните служби по блокадата и го повика Конгресот веднаш да го подигне плафонот за задолжување на земјата и да овозможи владата да продолжи да работи. Тој директно апелираше до републиканскиот предводник во Претставничкиот дом, Џон Бенер, конечно да го стави предлог-буџетот на гласање:

„Свикајте гласање веднаш. Да видиме што ќе се случи“, изјави американскиот претседател Барак Обама. Предуслов е Републиканците да не го врзуваат веќе законот за буџетот со судбината на здравствената реформа, најважниот проект во мандатот на претседателот Обама. Тогаш би можело да се постигне заедничко мнозинство од претставниците на Демократската и на Републиканската партија, со што би бил завршена еднонеделната блокада на американската администрација. Во таков случај, тој би бил подготвен на разговори околу здравствената политика, уверува Обама.

Сојузната американска влада поради блокадата ги прекина повеќето од своите програми и операции и од 1-ви октомври испрати на неплатени отсуства околу милион луѓе, освен најнеопходните работници.

САД се соочуваат со можноста за инсолвентност доколку претставниците на партиите до 17-ти октомври не ја подигнат границата за задолжување, затоа што според министерство за финансии до овој датум ќе се исцрпи сегашниот лимит од 16,7 трилиони долари, а владата не ќе може да ги намирува своите обврски.

Економскиот советник на Обама, Џин Сперлинг предупреди од страшни последици. И Кина, најголемиот странски доверител на САД, изрази загриженост поради натегањата во Вашингтон.

„Како најголема светска економија и издавачи на најважната меѓународна резервна валута, важно е САД да ја задржат кредитната веродостојност на државните обврзници, времето истекува“, гласи предупредувањето од Пекинг.