1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ужаснати од масакрот во базата Форт Худ

6 ноември 2009

Воен психијатар, кој требало наскоро да биде испратен на мисија преку океанот, смртно застрелал 13, а повредил 30 лицa. Истрагата за причините за досега најтешкиот масакр во воена база на територијата на САД е во тек.

https://p.dw.com/p/KPmd
Фотографија: AP

Напаѓачот осомничен за масакрот во американската воена база Форт Худ во сојузната држава Тексас е идентификуван како мајор Нидал Малик Хасан, воен психијатар и психолог. Тој отворил оган од сва полуавтоматски пиштоли во центарот за здравствена проверка на војниците кои треба да заминат преку океанот во воените мисии во Авганистан и во Ирак.

Веднаш по престрелката беа уапсени и три други војници, кои подоцна беа ослободени, соопшти командантот на базата, генерал-полковникот Роберт Кон: „Истрагата е во тек но првичните резултати укажуваат дека станувало збор за еден напаѓач, кој бил повеќекратно застрелан. Меѓутоа тој не е загинат, како што првично се известуваше. Во моментов се наоѓа во болнички притвор и е во стабилна состојба“, соопшти Кон.

Мотивот на напаѓачот се’ уште непознат

Базата Форт Худ беше затворена веднаш по нападот а во истрагата се вклучени воената полиција, ФБИ и министерството за национална безбедност.

Напаѓачот Нидал Малик Хасан како што соопштија американските власти бил од јорданско потекло и бил роден во местото Арлингтон, Вирџинија.Во изјавите за американските телевизии, неколку лица кои го познавале укажаа на тоа дека тој бил многу вознемирен дека требало да биде испратен на мисија преку океанот. Неговиот братучед Надер Хасан во изјава за весникот „Њујорк тајмс“ пак истакна дека тој бил „смртно исплашен“ од можноста да го испратат во Ирак или Авганистан.

Меѓутоа официјалната истрага засега не потврди дека тој бил мотивот за смртоносниот напад во воената база.

Обама: „Страшен излив на насилство“

Генерал-полковникот Роберт Кон истакна дека истрагата за причините за нападот е се’ уште во тек.

Barack Obama / USA
Обама: „Моите молитви се со ранетите и семејствата на настраданите“Фотографија: AP

Американската јавност беше ужасната од случувањата во Форт Худ. Станува збор за најсмртоносниот напад во една армиска база на американско тло. Претседателот Барак Обама го нарече нападот страшен излив на насилство: „Моите мисли и молитви се со ранетите и со семејствата на загинатите и оние кои живеат и ја извршуваат воената служба во Форт Худ. Тоа се мажи и жени кои донеле несебична и храбра одлука секојдневно да го ризикуваат, а некогаш и да го дадат својот живот за да не заштитат нас останатите. Доволно е тешко кога губиме храбри Американци во битките преку океанот. Страшно е кога на нив се пука во армиска база на американска почва“, истакна Обама.

Автор: СН/ЖА/ртре/дв

Редактор: Александра Трајковска