1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Спас од банкрот во последен час

2 август 2011

Компромисот за лимитот за задолжување на САД ја мина првата парламентарна пречка Претставничкиот дом го поддржа договорот меѓу републиканците и демократите со кој треба да се избегне државен банкрот.

https://p.dw.com/p/128rr
Претставничкиот дом на Конгресот во САДФотографија: AP

Компромисот за разрешување на кризата околу задолжувањето на САД кој беше постигнат по повеќенеделни натегања мина во долниот дом на американскиот конгрес. Вкупно 269 пратеници во Претставничкиот дом гласаа за планот кој предвидува подигање на законски утврдената граница за максимално задолжување на државата како и сеопфатни кратења во буџетот. 161 од конгресмените гласаа против договорот меѓу републиканците и демократите.

Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Џон Бенерт иако оцени дека компромисот „не е перфектен“, сепак истакна дека тој е чекор во вистинска насока.

„ Ова ќе биде почеток на културен пресврт во Вашингтон“, изјави пак координаторот на пратеничката група на републиканците во Претставничкиот дом, Ерик Кантор.

John Boehner im US-Kongress
Спикерот на Претставничкиот дом, Џон Бенер (во средината)Фотографија: AP/dapd

Лимитот за задолжување се зголемува за дополнителни 2,1 билион долари

Како следен компромисот мора да го усвои и горниот дом на Конгресот. Во Сенатот ќе се гласа најверојатно денеска. Усвојувањето на договорот важи за релативно сигурно. На крајот со потписот на американскиот претседател Барак Обама законот треба да стапи во сила. Тоа е последниот можен рок , ако државата и натаму сака да ги исполнува нејзините финансиски обврски.

Претставниците на демократите, републиканците и на владата во Вашингтон постигнаа компромис за спорот околу задолжувањето претходната вечер. Предлогот и‘ овозможува на владата да ја подигне границата за максимално задолжување во два чекори од сегашните 14,3 билиони долари за дополнителни 2,1 билион долари.

Компромисот покрај тоа предвидува кратење на буџетските издатоци на федерално ниво од околу 2,4 билиони долари во наредните десет години. Конгресот треба да ги усвои овие мерки во два чекори. Имено, мерките за заштеда на 917 милијарди долари треба да стапат во сила веднаш откако компромисот за лимитот за задолжување добие светло во двата дома на Конгресот. За останатите 1,5 билиони долари во заштеди треба да се расправа до крајот на годината.

US-Präsident Obama verkündet Einigung im US-Schuldenstreit
Олеснување за американскиот претседател Барак ОбамаФотографија: AP

Буџетски кратења во повеќе чекори

Првата рунда кратења погодува делови од федералниот буџет за кои Конгресот гласа секоја година и опфаќаат заштеди од средствата за вооружување па се’ до издатоците за контрола на прехранбените производи. Првичните кратења треба да бидат од поумерен карактер за да не се задуши економскиот развој. Во наредните десет години меѓутоа мерките за штедење ќе бидат се’ поостри.

Зголемувања на даноците, особено за побогатите Американци, на кои инсистираше претседателот Обама, со договорот не се предвидени. Затоа пак планот, како што се стремеше Обама, опфаќа спроведување мерки и по терминот на претседателските избори на крајот на 2012 за да се избегне расправата за него да влијае врз текот на кампањата.

Автор: Мартин Шрадер/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска