САД со пораки до Скопје и Атина
20 март 2008„Претседателот се надева дека ќе се дојде до решение пред НАТО самитот, затоа што смета дека ова прашање е решливо, и нешто што треба да се заврши пред да замине таму кон крајот на месецов“, изјави на прес-конференција портпаролката на Белата куќа, Дена Перино.
Перино не ја отфрли ниту можноста претседателот Буш да преземе дополнителна иницијатива за решавање на овој проблем во последент момент. На директно новинарско прашање дали може да се очекува таква иницијатива од Буш, Перино рече дека во моментов државниот секретар Кондолиза Рајс е таа која разговара со Атина и со Скопје, и дека во текот на денешниот ден таа ќе го брифира американскиот претседател во врска со претстојниот самит на Алијансата.
И од Стејт Департментот вчера беше испратена уште една порака до Македонија и Грција за решавање на деценискиот спор.
„Сакаме да го видиме ова прашање решено на пријателски начин меѓу двете страни. Сметаме дека е важно проблемот да биде решен на тој начин што ќе им овозможи на обете држави да одат напред, да имаат пријателски меѓусебни односи и да и се овозможи на Македонија, како и на другите земји од регионот, целосно да партиципираат во трансатлантските институции“, рече портпаролот на Стејт Департментот, Том Кејси. Иако не наведе детали, интересно е што претставникот на Стејт Департментот за првпат го поврза решавањето на проблемот со името меѓу Македонија и Грција, со трансатлантската иднина и на останатите земји од регионот.
Инаку, деновиве, четворица американски конгресмени побараа од Конгресот, но и од Грција да не се попречува приемот на Македонија во Алијансата. Конгресмените, двајца демократи и двајца републиканци, со писмо ја осудија и употребата на референцата ФИРОМ истовремено отфрлајќи ги грчките тврдења дека името на соседната држава содржи територијални претензии кон неа.