1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД со загриженост гледаат на ситуацијата во Сирија

ЕМФ/миа/дпа/дв9 мај 2012

САД со загриженост ја следат состојбата во Сирија. Без вистински пресврт во земјата, насилството нема да заврши, оценува Вашингтон.

https://p.dw.com/p/14s2p
Фотографија: Reuters

Само испраќање набљудувачи на ОН не е доволно, се вели во соопштение на американското министерство за надворешни работи. Истовремено, американската влада предупреди дека терористичката мрежа Ал Каеда би можела да ја искористи во своја полза несигурната ситуација во земјата.

Американската амбасадорка во ОН Сузан Рајс изјави дека САД остануваат одлучни во тоа да го зголемат притисокот врз сирискиот претседател Башар ал Асад со цел тој да си замине од власт.

„Состојбата во Сирија останува многу тешка, особено за милионите лица, кои продолжуваат да страдаат од секојдневните напади и имаат итна потреба од хуманитарна помош. САД остануваат одлучни да го зголемат притисокот врз режимот на Асад и самиот Асад за да ја напушти власта“, рече Рајс по седницата на Советот за безбедност на ОН, на која присуствуаше и специјалниот пратеник на Организацијата и Арапската лига за Сирија Кофи Анан.

Според Рајс во моментов има сигнали дека Дамаск помалку користи тешко вооружување во изминатите денови, но насилството се зголемува во други форми и секој ден продолжуваат да умираат луѓе.

„И покрај сомневањата САД продолжуваат да се надеваат на успех на мировниот план од шест точки на Кофи Анан“, рече Рајс и додаде дека режимот на Асад се‘ уште не исполнил целосно ниту една од тие шест точки.

Претходно, специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија Кофи Анан предупреди дека е можна граѓанска војна.